Линкови за пристапност

Научниците ја критикуваат владата на Буш  - 2004-02-19


Истражувачите го поддржуваат извештајот на американското Здружение на загрижени научници, што ја обвинува администрацијата на Буш дека ја злоупотребува науката на начин што е опасен за земјата.

Покрај добитници на Нобелова награда во оваа група се водечки медицински експерти и претседатели на универзитети.

Претседателот на Здружението на загрижени научници, Курт Годфраид, инаку физичар во пензија од Универзитетот во Корнел, вели дека Белата куќа на Буш ги искривувала и ги прикривала научните откритија на федералните агенции кои биле спортивни на нејзината политика. Тој вчера ја обвини дека администрацијата ја поткопувала независноста на научните совети назначувајќи неквалификувани членови, луѓе поврзани со индустријата или барала членовите да се согласуваат политички со неа.

“Загриженоста што овде ја изнесуваме не се академски апстракции. Кавалерскиот став кон науката што не испровоцира да зборуваме може да произведе реална штета за здравството, благосостојбата и безбедноста на сите нас и наредните генерации“, рече господинот Годфраид.

Меѓу примерите што ги изнесе, групата докажува дека администрацијата на Буш намерно го игнорирала светскиот научен консензус дека за затоплување на атмосферата на земјата виновен е човечкиот фактор. Исто така тврди дека Белата куќа ја прикривала студијата на владината Агенција за заштита на животната околина која открила дека законот за чист воздух на Сенатот ќе биде поефективен доколку се намали загадувањето со жива кај рибите и се спречат смртни случаи отколку Актот на претседателот за чисто небо.

Портпаролот на претседателот, Скот Меклилан ги отфрли овие обвинувања.

“Можам да ве уверам дека ова е администрација што носи одлуки врз основа на најдобрата расположива наука. Претседателот ја изнесе иницијативата за Чисто небо за да ја намали емисијата на штетни гасови од фабриките за 70 проценти. Оваа иницијатива е заснована на најдобрата наука што е на располагање и тоа го правиме со сите наши политики во овој свет“, изјави портпаролот на Белата куќа.

Научниците велат дека не зазеле партиски став против господинот Буш во оваа изборна година. Во оваа група се и раководители на агенции од поранешните влади и од Републиканската и од Демократската партија. Расел Треин, човекот кој раководел со Агенцијата за заштита на животната околина или ЕПА во времето на републиканските претседатели во 70-те, вели дека администрацијата на Буш построго ги контролирала владините научни агенции околку било која претходна администрација.

“Во моето време кога бев шеф на ЕПА под Никсон и Форд, не се сеќавам дека воопшто сум добил дури и сугестија или наредба од Белата куќа како да носам одлуки за регулативи. Сега се други времиња“, вели господинот Треин.

Портпаролот на претседателот, Меклилан ги отфрла овие обвиненија.

“Оваа администрација работи на независен процес на преиспитување за да согледа како се користи науката во донесувањето одлуки така што ќе се осигураме дека овие одлуки се носат врз основа на најдобрите расположиви научни достигнувања“, изјави портпаролот Меклилан.

Според медиумите, советникот за наука на претседателот Буш, Џон Марбургер, вели дека научните примери не се силна поддршка за нивните обвинувања. Тој додава дека администрацијата очигледно треба подобро да работи на презентирање на својата политика.

Здружението на загрижени научници го повикува Конгресот да ги истражи нивните обвиненија и повторно да формира конгресна канцеларија која ќе обезбедува независна анализа на научните аспекти на јавната политика.

XS
SM
MD
LG