Минатата недела, економските советници на Белата куќа објавија извештај во кој се предвидува отворање на два и пол милиони работни места до крајот на годинава.
Но на турнејата за промоција на економскиот план на претседателот оваа недела, секретарот за финанисии, Џон Сноу и секретарот за трговија, Дон Еванс, одбија да го поддржат ова предвидување, велејќи дека се заснова на економски претпоставки што може да се променат.
Портпаролот на Белата куќа, Скот Меклилан не сакаше да каже дали претседателот се уште стои зад овие бројки и на новинарите им кажа дека господинот Буш не е статистичар.
Запрашан за проценките за нови работни места пред да се сретне со претседателот на Тунис, господинот Буш кажа дека смета оти економијата е во пораст.
„Свесен сум дека се уште има луѓе кои бараат работа и мора да го надоградуваме напредокот што досега го постигнавме“, истакна господинот Буш.
Претседателот не ги спомена предвидувањата на неговите економски советници за работните места, а наместо тоа повтори делови од неговиот економски план, меѓу кои повеќе договори за слободна трговија, намалување на цените на здравствената заштита и рекордното намалување на даноците да стане постојано.
Откако господинот Буш стапи на функција, над два милиона луѓе загубија работа, така што аналитичарите велат дека е можно тој да биде првиот претседател во последните 70 години што ќе го заврши својот прв мандат со помалку работни места од времето кога стапил на функција.
Демократите кои водат кампања за изборите во ноември го напаѓаат претседателот за економијата, особено за невработеноста во производствениот сектор.
Повеќето економисти велат дека официјалните предвидувања на Белата куќа за два и пол милиони нови работни места до крајот на годинава, се премногу оптимистички и за тоа би требало месечно да се отвораат по 200 илјади нови работни места. Невработеноста, пак, во моментов се зголемува за половина од таа бројка.