Линкови за пристапност

Буш:  САД нема да бараат одобрување да ја одбранат сопствената безбедност - 2004-01-21


Американскиот претседател во редовното годишно обраќање до нацијата го истакна успехот во војната против тероризмот и повтори дека војната во Ирак била оправдана.

„Ние немаме желба да доминираме, немаме амбиција на империја. Нашата цел е демократски мир – мир заснован на достоинството и правата на секој човек“. Вака синоќа американскиот претседател Џорџ В. Буш ги образложи воените акции во Ирак и Авганистан и војната против тероризмот воопшто во своето редовно годишно обраќање до нацијата, пренесувано на сите ТВ-мрежи на национално ниво. Оценувајќи ја војната против тероризмот како успешна, но не и завршена, американскиот претседател реагираше и на критиките дека САД мора да ги интернационилизираат своите потфати како што е операцијата во Ирак, алудирајќи дека е навистина тешко да им се објасни таквата критика на 17 земји кои ги наброја по име и ги нарече партнери во коалицијата, како и на уште 17 други, кои дале свои сили во Ирак. Згора на тоа, „Америка никогаш нема да бара одобрување написмено да ја одбрани безбедноста на својот народ“, кажа господинот Буш.

Во вториот дел од говорот тој се посвети на домашни прашања, меѓу другото барајќи Конгресот да го усвои неговото даночно скратување како перманентна економска мерка. Тој стапи во одбрана и на своите политики во образованието и здравствената заштита за постарите Американци.

Како реакција на говорот на претседателот, демократите одржаа свое годишно обраќање до нацијата. Водачот на демократите во Претставничкиот дом Ненси Пелоси го критикуваше претседателот за надворешната политика што ја оквалификува како „да се појде сам“. Нивниот прв човек во Сенатот, пак, Том Дешл, се осврна на домашната политика, велејќи дека даночното скратување не успеало да ги надомести трите милиони загубени работни места во приватниот сектор откако господинот Буш стапи на функцијата претседател.

XS
SM
MD
LG