Линкови за пристапност

Профили на претседателски кандидати: Денис Кучинич - 2004-01-19


Една од вистинските работи за Денис Кучинич е дека е борец за каузите во кои стравствено верува.

Со оглед на тоа, тој можеби и не се разликува многу од останатите Демократи кои се натпреваруваат за партиската номинација за претседателските избори во ноември годинава.

Меѓутоа, Денис Кучинич себеси се смета за кандидат кој најдобро ги претставува интересите на пониската и средна класа Американци, или на “работничката класа“, која е традиционална база на Демократската партија.

Прашањата од домашната политика што најмногу влијаат на овој сегмент од општеството се неговите клучни поенти во кампањата:

„Би сакал да се фокусираме на нашата домашна политика. Така ќе имаме пари потребни за образование, за стипендии на факултетите, за општа здравствена заштита, општо предучилишно образование. Како претседател на САД ќе помогнам да се обезбеди мир и просперитет за земјата“, истакнува Кучинич.

Денис Кучинич пораснал во Кливленд, федералната држава Охајо, како најстар во семејство со седум деца. Во неговата биографија пишува дека се до неговата 17-годишна возраст со семејството променил вкупно 21 место на живеење, што понекогаш, зависно од финансиската ситуација, биле и автомобили.

Според кажувањата на многумина што го познавале, тој бил определен да успее. На 23 годишна возраст бил избран во Градскиот совет на Кливленд, а на 31 година стана градоначалник на Кливленд, вториот по големина град во Охајо, каде со години се намалува бројот на работни места во некогаш моќните индустриски гранки.

Господинот Кучинич особено беше во фокусот на јавноста минатата година, кога беше еден од најекспонираните демократи во Претставничкиот дом кои се противеа на резолуцијата со која претседателот Буш доби овластување да започне воен напад врз Ирак.

„Ви кажувам дека има се поголем наплив на противење, што е одраз на она што знаеме дека е вистина, а тоа е дека, општо прифатено, американскиот народ е против војната. Како што се приближуваме кон гласање за неколку дена, американскиот народ ќе почне да се јавува во овој Претставнички дом и да им кажува „гласајте против“, вели конгресменот Кучинич.

На крај, господинот Кучинич собра само 133 гласа од вкупно 435 членови во Претставничкиот дом против резолуцијата за војната во Ирак, која исто така лесно мина и во Конгресот.

Меѓутоа, по се поголемиот број жртви на САД и на земјите од коалицијата во Ирак, господинот Кучинич ја заостри критиката против американската владина политика во Ирак и политиката на еднострана акција во војната против тероризмот.

Критичарите го сметаат господинот Кучинич за премногу оптимист и наивен. Како доказ за тоа го наведуваат неговиот предлог за формирање на нов владин „Оддел за мир“, како и неговиот повик за повлекување на САД од Светската трговска организација и Северноамериканскиот договор за слободна трговија, или НАФТА.

За разлика од другите кандидати на Демократската партија, како на пример поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, господинот Кучинич не е во центарот на вниманието на медиумите за изјавите што ги дава во текот на кампањата.

Иако привлече неколку богати донатори, конгресменот Кучинич има релативно малку пари за да ја финансира неговата кампања. Тој обично е на дното на списокот на кандидатите од неговата партија, според истражувањата на јавното мислење.

Но се чини дека Денис Кучинич, кој во политиката влегол на 20 години, нема да се откаже од борба.

Тој води кампања во државите каде што најпрво ќе се одржат партиските избори на Демократите и ветува дека ќе остане кандидат се до конвенцијата на Демократската партија во Бостон во август, велејќи дека има обврска за тоа пред оние што го поддржуваат.

XS
SM
MD
LG