Линкови за пристапност

Да беше жив легендарниот американски борец за човекови права Мартин Лутер Кинг сега ќе имаше 75 години - 2004-01-16


Мартин Лутер Кинг одржа многу говори во 50-те и 60-те години, во време кога американското движење за човекови права го доживеа својот врв. Негово најпознато обраќање е она пред споменикот на Линколн во август 1963 година. Свештеникот Кинг ја предизвика Америка да го одржи ветувањето кон кое тежнееле нејзините основачи пред 200 години:

„Кога архитектите на нашата република ги напишаа прекрасните зборови во Уставот и Декларацијата за независност, тие потпишаа ветување. Ветување дека на сите луѓе, и црните како и белите, ќе им биде гарантирано неотуѓивото право на живот, слобода и потрага по среќа. Очигледно, денеска Америка не го одржува тоа ветување, барем што се однесува до нејзините обоени граѓани. Америка на Црнците им даде невалиден чек. Но ние одбиваме да веруваме дека банката на правдата банкротирала, и мора да го замениме овој чек за готовина што ќе ги исполни барањата за богатство на слобода и обезбедување на правда“, вели Кинг.

Негов можеби најчесто цитиран исказ е оној во кој тој ја изложи својата визија за Америка:

„Сонувам дека еден ден на црвените ридови на Џорџија, синовите на поранешните робови и синовите на поранешните сопственици на робови ќе можат да седнат на заедничка братска маса. Сонувам дека моите четири деца еден ден ќе живеат во држава каде што нема да им се суди според бојата на кожата, туку според карактерот. Денеска сонувам“.

Историчарот на Универзитетот Станфорд, Клејборн Карсон, кој екстензивно го има прочувано делото на Мартин Лутер Кинг, го споредува легендарниот баптистички свештеник и добитник на Нобеловата награда во 1964 година со уште еден борец за промени од една друга земја, поранешниот јужноафрикански лидер Нелсон Мандела. Тој вели дека исто како Нелсон Мандела, свештеникот Кинг ја пренел борбата за правда и еднаквост на националната, па дури и на меѓународната сцена.

„Кинг посекако беше личноста што можеше да ги артикулира целите на борбата и да ги поврзе тие цели со одредени универзални принципи на начин на кој никој дотогаш не го сторил тоа“, истакнува господинот Карсон.

Денеска, расната сегрегација, што е казнива со закон, е минато во САД. Сепак, некои тврдат дека Америка е слепа за бои, односно дека расната дискриминација целосно не е отстранета. Клејборн Карсон вели дека пораката на Мартин Лутер Кинг и денеска звучи вистинито.

„Секој што вистински му се восхитува треба да сфати дека имаме одговорност да продолжиме кон достигнувањето на целите што тој ги искажа“, вели Карсон.

САД го одебележуваат роденденот на Мартин Лутер Кинг, 19 јануари, како државен празник.

XS
SM
MD
LG