Линкови за пристапност

На списокот на Фондацијата Херитиџ во кој земјите се рангираат според показателот на слободна економија Македонија годинава е на 73-то место - 2004-01-09


Во извештајот на фондацијата Херитиџ со седиште во Вашингтон, нема многу оптимизам ниту за иднината на македонската економија, а како причини се наведуваат, главно корупцијата и несигурната безбедносна состојба.

Американските економски експерти сепак даваат мала надеж во нивниот годишен извештај, заклучувајќи дека во 2003 година, позицијата на Македонија се подобрила за минимални 0,19 поени, според нивниот начин на бодување. Инаку, 155-те земји се рангирани според 10 фактори, меѓу кои економската политика, државните интервенции во стопанството и обемот на сивата економија.

Но, Македонија и натаму има главно неслободна економија, како и неколку други земји на Балканот, меѓу кои Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија и Албанија. Авторите на студијата за индексот на слобода во економијата наведуваат неколку фактори кои во моментов негативно влијаат на перспективите на македонското стопанство.

Најнапред се наведува дека и покрај избегнувањето на поширок конфликт во 2001-та година, останува несигурноста за мирот и безбедноста, заради зголемената меѓуетничка поделеност.

Исто така како фактор за евентуална дестабилизација на земјата се наведува и договорот на Владата и ММФ за стенд бај аранжманот склучен во 2002 година. Според него, Владата треба да спроведе многу строги мерки. Но тоа може да влијае дестабилизирачки заради многу нискиот пораст на Бруто домашниот производ . Во 2000 година тој се зголемил само за 0,3 проценти.

Друг негативен фактор, според Вашингтонската фондација Херитиџ и Вол Стрит Џурнал, е корупцијата што преовладува во македонската економија. Тука се споменува и заклучокот на Центарот за истражување на демократијата, дека царинската служба е најкорумпирана институција во земјата.

За лошата економска состојба придонесува и хронично високата стапка на невработеност, додека само секој 10-ти жител на Македонија добива плата со регуларно вработување, а една четвртина од вработените не добиваат плата на време.

За недостаток на странски инвестиции, американските економисти причината ја гледаат во политичката нестабилност.

Инаку, во годинешното рангирање на 155 држави, според индексот на слободна економија, десетта година по ред Хонконг ја зазема водечката позиција, поради ниските даноци, едноставната деловна регулатива и бесцаринското пристаниште. Меѓу првите пет најслободни економии во светот се наоѓаат Сингапур, Нов Зеланд, Луксембург и Ирска, а САД се наоѓаат на десеттото место.

XS
SM
MD
LG