Линкови за пристапност

Неделникот Тајм ја додели титулата Личност на годината - 2003-12-22


Најновото издание на Тајм е во чест на американскиот војник – односно на сите 1,4 милион војници, на кои им ја додели титулата Личност на годината, што традиционално, но не секогаш, оди во рацете на поединец. Како што истакнува новинарот Марк Томсон, кој ја покрива националната безбедност, војната во Ирак го направила изборот за 2003 година очигледен.

„Мислам дека на тоа беа посветени околу 19 од 51 насловна страница и едноставно беше поставено прашањето: Како најдобро ја пренесуваме сторијата за војната? Која личност најдобро ја претставува?“, вели господинот Томсон.

Неделава, на насловната страница на Тајм се тројца војници од одред распореден во Ирак. Стив Коп е заменик-уредник на Тајм.

„Ја нарекуваме Американски војник, но со тоа мислиме на целата американска армија, на сите воружени мажи и жени, вклучувајќи ги и морнарите и воздушните сили“, истакнува Коп.

Магазинот вели дека овој избор не значи и одобрување на војната во Ирак. Но фактот дека насилствата продолжија и по прогласувањето на осуммесечната мисија за завршена од страна на претседателот Буш, бил еден од одлучувачките фактори за прогласување на американскиот војник за Личност за 2003 година.

Но Марк Томсон од Тајм вели дека уредништвото на магазинот сепак имало некакво влијание од страна на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд.

„Тој го охрабри нашиот уредник Џим Кели на состанокот во ноември да го избере, како што го нарече, американскиот волонтер, но тоа очигледно е многу широк поим. Го зедовме предвид советот на секретарот, но го стеснивме изборот, сведувајќи го на американскиот војник“, потенцира Томсон.

Овогодишниот избор победил неколку други кандидати за оваа титула.

„Сите од раководството на националната безбедност од обете страни, од Садам Хусеин до Пол Бремер беа во конкуренција. Тајм во минатото избираше од компјутер до планетата Земја, со цел да го прикаже она за што најмногу се зборувало. Според она што го видов оваа празнична сезона, многумина сочувствуваат со обичните американски војници, дури и ако не се поврзани со ниту еден од нив, ниту пак познаваат некого лично“, истакнува Томсон.

Американските уредници, на годишната анкета спроведена од новинската агенција Асошиетед Прес се изјаснија дека војната во Ирак е најголем медиумски настан годинава.

XS
SM
MD
LG