Организацијата на земјите извознички на нафта или ОПЕК се согласи засега да не ги менува производствените квоти на нафтата, но кажа дека во февруари наредната година одново ќе ја разгледа својата политика на специјален состанок. Министрите за нафта од ОПЕК кои се среќаваа зад затворени врати одлучија евентуалните промени во производствените квоти да ги одложат за наредната година. Во септември, картелот донесе изненадувачка одлука да го намали производството на нафта за 3,5 проценти, така што дневно би се произведувале 24,5 милиони барели нафта.
Од тој состанок, цените на нафтата се наоѓаат на највисокото ниво за ОПЕК, достигнувајќи 28 долари за барел. Саудискиот министер за нафта, Али ал-Наими вели дека падот на доларот ги оправдува високите цени на сирова нафатата.
Аналитичарот за нафта Џорџ Беранек од енергетската компанија Пи-Еф-Си од Вашингтон вели дека наредната година ОПЕК ќе мора да ги намали залихите.
„Мислам дека се работи за стандардно прашање за вториот квартал, при што глобалната побарувачка за нафта во годината е на најниско ниво и нормално ОПЕК ќе мора значително да го намали производството. Прашањето за зголемениот ирачки извоз, не би требало да претставува проблем“, истакнува г-динот Беранек.
Г-динот Беранек вели дека ОПЕК имал добар почеток со тоа што го реинтегрирал Ирак во своите редови, земја која дневно произведува речиси два милиони барели нафта.