Линкови за пристапност

Трет неуспешен обид за избор на претседател на Србија - 2003-11-17


Малиот одѕив на гласачите е причина за пропаѓање и на третиот обид за избор на претседател на Србија. Добиените резултати од вчераодржаните избори се поразителни за реформските партии. Претседателскиот кандидат на реформистите освоил околу 35 проценти од вкупните гласови, во споредба со кандидатот на ултранационалистите кој доби дури 46 проценти од гласовите.

Томислав Николиќ од ултранационалистичката Српска радикална партија, против чиј лидер Воислав Шешељ се води судски процес за воени злосторства пред Трибуналот во Хаг, го надгласа претседателскиот кандидат на реформистите Драгољуб Миќуновиќ.

Г-динот Николиќ се уште не може да биде избран за претседател на Србија, бидејќи и третото гласање во изминатава година е прогласено за неважечко, поради тоа што одѕивот на гласачите е под неопходните 50 проценти.

Но резултатот од овие избори претставува голем пораз за српските реформски партии, во период на подготовки за парламентарните избори закажани за следниот месец, што е една година порано од предвиденото.

49-годишниот Николиќ ја обвини владината коалиција составена од 18 партии за „брутален“ капитализам во Србија, каде има голем процент на сиромаштија и каде еден од тројца работоспособни луѓе е без работа.

Згора на тоа, тој побара оставка од прозападно ориентираниот премиер Зоран Живковиќ, доколку биде избран за претседател, и се закани со масовни протести доколку тој одбие да се повлече од функцијата.

Г-динот Николиќ во неговата предизборна кампања јасно кажа дека сака да ја повлече одлуката за соработка со Западот, порачувајќи дека на Трибуналот на ОН нема да му ги предаде осомничените за воени злосторства.

Тој додаде дека ќе го казни предавањето на восокорангираните Срби на Трибуналот во Хаг, вклучувајќи го и поранешниот претседател Слободан Милошевиќ, кој одговра за воени злосторства во Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово.

Аналитичарите велат дека резултатот од вчерашните претседателски избори би требало да биде аларм за Србија, исто како кога во Франција, десничарскиот кандидат Жан Мари Ле Пен го победи лидерот на Социјалистите Лионел Жоспен.

Меѓу западните дипломати постои загриженост дека политичкиот пораз што го доживејаа реформистите, кои го соборија г-динот Милошевиќ во 2000 година, ќе го отежне процесот на добивање поддршка во Србија.

Ситуацијата се влоши на почетокот на годинава по убиството на Зоран Ѓинѓиќ, кој беше првиот демократски премиер во Србија по Втората светска војна. Србија и Црна Гора на почетокот на годинава формираа лабава федерација, која го замени остатокот од поранешна Југославија.

XS
SM
MD
LG