Претседателот вели дека терористите сакаат да го запрат тековниот напредок во Ирак и да ги заплашат оние кои сакат подобра иднина. Тој истакнува дека тие не можат да ја прифатат помислата за слободно општество.
“Колку повеќе напредуваме на теренот, толку Ирачаните ќе бидат послободни, електричната енергија ќе биде подостапна, ќе има на располагање повеќе работни места, се повеќе деца ќе одат во училиштата, и толку овие убијци ќе стануваат поочајни“, кажа американскиот претседател.
Г-динот Буш вели дека огромно мнозинство од Ирачаните сакаат да живеат во мирољубив, слободен свет и обврска на САД е да им помогнат да го постигнат тоа.
“Мирољубив Ирак е од национален интерес на САД. И ние ќе останеме на тој курс за да ја постигнеме оваа цел“, рече претседателот Буш.
Тој ова го изјави по средбата со американскиот администратот во Ирак, Пол Бремер во Белата куќа. Во текот на кусата средба со новинарите, претседателот се чини го промени досегашниот начин на убедување на ирачкиот народ, велејќи дека тој повеќе од кога и да е досега, е решен да соработува со нив.
Г-динот Бремер продолжи на оваа тема, истакнувајќи дека ова се тешки времиња, но оти процесот кон слободен и демократски Ирак продолжува.
“Ние продолжуваме со спроведувањето на нашиот план. Имавме тешки денови, како што беа неколкуте изминати. Но севкупната доверба е во вистина насока и бројот на добрите денови го надминува бројот на лошите. И токму така сакаме да биде во иднина“, изјави привремениот администратор во Ирак.
Пол Бремер и командантот на американската армија за Ирак Џон Абизаид дојдоа во Вашингтон за да го брифираат американскиот претседател и другите високи претставници пред најновите насилства во Багдад. Тие во Белата куќа пристигнаа само неколку часа по новата серија бомбашки напади во Багдад меѓу кои и експлозијата пред локалните канцеларии на Меѓународниот Црвен крст и пред неколку полициски станици.
Десетици луѓе загинаа во овие напади, а стотици се повредени. Тие се случуваат во време кога муслиманите во Ирак и секаде во светот започнаа со прославата на светиот месец Рамазан.