Линкови за пристапност

Меѓународната кризна група порачува Македонија итно да преземе мерки за спречување нови тензии и меѓуетнички судири - 2003-10-24


Македонија треба да прекине со фалење на своите постигнувања и да се посвети на решавање на проблемите кои за оваа балканска земја стануваат се потешки, е во основа пораката на Меѓународната кризна група со седиште во Брисел која вчера го објави својот најнов извештај посветен на Македонија.

Македонија веќе не е успешна приказна, како што порано се нарекуваше. Невработеноста е висока, борбата против криминалот и корупцијата на високите нивоа се смирува, децентрализацијата и реформата во безбедносниот сектор се забавени, што се заедно создава претпретпазливост кај странските инвеститори да вложуваат во земјата на која и треба дотек на свеж капитал, се вели извештајот на оваа група.

Од друга страна, и покрај сложената и главно негативна слика за државата, групата се залага за „удвојување на напорите“ Македонија да биде примена во НАТО, а ЕУ да продолжи да биде присутна во земјата но не со мониторинг мисија туку со мандат директно да интервенира кога ќе биде потребно. Зашто, според групата, криминалните групи се уште се опасност за земјата. Во таа смисла, Меѓународната кризна група сугерира македонското државно раководство да го промени ставот околу дозволувањето мандатот на „Конкордија“ да истече без претходно цврсто не се востанови новата европска полициска мисија „Проксима“.

На внатрешен политички план групата сепак признава дека ситуацијата е многу подобрена со доаѓање на власт на владата на Бранко Црвенковски и со почетокот на комуникацијата меѓу него и Али Ахмети, лидерот на коалиционата ДУИ.

Како еден од начините за подобрување на ситуацијата во која се наоѓаат македонските граѓани, извештајот наведува дека би било мошне корисно да се олесни визниот режим на ЕУ кон Македонија. Тоа би служело како вентил за намалување на невработеноста која за оваа група е дополнителен фактор за нестабилноста на земјата.

Па сепак, приоритизирањето на внесување припадници на етнички албанската заедница во владини и меѓународни институции, за Меѓународната кризна група е клучен фактор за безбедноста на Македонија. Наследството од конфликтот од 2001 година се уште силно се чувствува, се вели извештајот, предлагајќи вклучување на ЕУ и на САД во расветлување на случаите на исчезнати лица.

Со еден збор, Меѓународната кризна група смета дека во Македонија меѓународната заедница има многу работа, а раководството на државата мора да биде поотворено за прифаќање помош однадвор, бидејќи само така ќе си помогне за излегување од незавидната ситуација во која државата е западната во моментов.

XS
SM
MD
LG