Линкови за пристапност

Франција, Германија и Русија не ветуваат дополнителни средства за обнова на Ира - 2003-10-22


Вашингтон посакува да се остават настрана поделбите предизвикани од војната и фокусот да се насочи на кревање на Ирак на нозе. Но земјите кои се противеа на војната, како Франција, Германија и Русија јасно ставија на знаење дека нема да помогнат во финансирањето на обновата на Ирак се додека власта од окупациските сили не ја преземе ирачкиот народ.

На донаторската конференција за обнова на Ирак што наредните два дена ќе се одржи во Мадрид, ќе учествуваат десетина земји и меѓународни организации. Целта е да се соберат што е можно повеќе финансиски средства од оние 50 милијарди долари, што според претставници на САД и Светската банка му се потребни на Ирак за обнова од војната, санкциите и запоставеноста.

САД и Шпанија не поставија цел, за тоа колку средства мислат дека ќе бидат собрани. Дипломатите велат дека Вашингтон и Мадрид сакаат да ја избегнат можноста овој состанок да биде неуспешен, доколку бидат обезбедени далеку помалку средства од вкупно 36 милијарди долари што се бараат од неамериканските извори.

Од САД се ветени меѓу две и три милијарди долари за Ирак, како дополнение на 20-те милијарди што треба да бидат дадени во рок од 18 месеци. Но тоа сепак е далеку под потребната сума.

Напорите да се гарантираат ветените донации наидоа на загриженост заради непостоењето на суверенитет на ирачката држава како и заради широко распространетото чувство дека нафтеното богатство на земјата има потенцијал да ги исплати трошоците за сопствена реконструкција.

Освен придонесот на Вашингтон, најголеми донации се ветени од Јапонија која вели дека ќе даде 1,5 милиони долари во грантови во блиска иднина, потоа од Британија, која вети 440 милиони долари во наредните две години, и домаќинот Шпанија, која вели дека ќе обезбеди 300 милиони долари во економска помош до 2007-та година. Франција и Германија велат дека нема да дадат повеќе од ветените 230 милиони долари што ЕУ треба да ги достави до крајот на 2004-та.

Комесарот за надворешни прашања на ЕУ Крис Патен релативно малата донација на ЕУ вели дека е реална.

„Парите се важни за безбедносната ситуација, но треба да се имаат предвид и буџетските обврски што ги имаме насекаде и секако ограничувањата што ги имаме притоа. Мислам дека тоа е реална сума“, вели тој.

Соработниците на господинот Патен велат дека ЕУ, која дала 250 милиони долари за реконструкција на Авганистан сака да биде видена како правична во распределбата на средствата. Но се признава дека слабиот економски растеж и големата невработениост во земјите-членки на Унијата, како и присутната резервираност во однос на војната предводена од САД, придонело за малиот европски влог.

Американските претставници се надеваат дека Италија и државите производители на нафта во Заливот ќе истапат со значителни суми на донаторската средба.

XS
SM
MD
LG