Заменик премиерот Ехуд Олмерт го отфрли изјаснувањето на мнозинството во ОН, опишувајќи го ова светско тело како рутински непријателски настроено спрема Израел. Господинот Олмерт за Израелското радио изјави дека владата ќе продолжи со изградбата на безбедносната ограда.
Израел вели дека оградата е неопходна за одвраќање на палестинските терористи и за заштита на животите на Израелците. Според истражувањата на јавното мислење, најголем број Израелци, како и најголем дел од политичарите, ја поддржуваат изградбата на ѕидот.
Преградата во еден дел се состои од електронска ограда, на чиј врв е поставена остра жица и од бетонски ѕид, на кој се наоѓаат повеќе набљудувачки кули. Нејзината изградба започна пред повеќе од една година.
Оградата требаше да биде изградена долж таканаречената Зелена линија, или старата израелско-јорданска граница, со што Израел се одделува од териториите на Западниот брег. Но оградата длабоко навлегува во палестинската територија, за да се опфатат еврејските населби. Таа најчесто ги отсекува палестинските села едни од други, палестинските земјоделци од нивното земјиште и децата од нивните училишта.
Додека Израелците неа ја нарекуваат едноставно „ограда“, Палестинците најчесто ја нарекуваат апартхеид или Берлински ѕид. Тие велат дека ова е ново заземање на територии од страна на Израел, за кое во иднина ќе треба да се преговора и кое нема лесно да биде вратено.
Во интервјуто за еден израелски весник минатата недела, премиерот Ариел Шарон ја повтори својата определба за продолжување на изградбата на безбедносната ограда за блокирање на милитантите и воедно за превенција од натамошен влез на Палестинци, кои според него се доселуваат во арапските градови во Израел. Премиерот Шарон овие ставови ги повтори и во говорот пред Парламентот во понеделникот.
САД се огласија со критики во однос на некои делови каде што е поставена оградата, но американскиот амбасадор гласаше против резолуцијата на генералното Собрание со која се осудува нејзината изградба.
Палестинската управа го поздрави гласањето во ОН, и министерот во палестинскиот кабинет Саеб Ерекат изјави дека тоа било праведно од етички причини. Тој исто така рече дека изјавата на израелскиот заменик-премиер Олмерт со која ја игнорира резолуцијата покажува оти Израел придава мало значење на меѓународните институции.