Линкови за пристапност

Обраќање на претседателот Буш пред Генералното Собрание на ОН - 2003-09-23


Говорот на на американскиот претседател беше јасен повик до светската заедница да помогне во реализацијата на преземените обврски од страна на САД во светот, зашто целите се во интерес на сите. Но наедно, тоа беше и обид да ги убеди Американците во исправноста на курсот на оваа администрација во време на се поголеми дилеми во јавноста.

Акцентот тој го стави на три области - потребата светот да се ослободи од оружјето за масовно уништување, да запре ропството и другите форми на експлоатација на луѓето, и повторната изградба на Ирак и Авганистан.

Борбата против тероризмот беше отворањето во неговиот говор, искористувајќи го минатомесечниот терористички напад на седиштето на ОН во Багдад за презентирање на идејата дека војната против тероризмот станува и работа и на Светската организација.

Претседателот Буш повтори дека во оваа војна не може да има неутрална страна и дека е јасна дистинкцијата меѓу терористите и цивилизацијата.

Тој зборуваше за животот во Ирак денеска, како многу подобар од времето под режимот на Садам Хусеин , што е случај и со Авганистан по симнувањето на нивните талебански диктатори. Признавајќи дека имало несогласувања меѓу членките со акциите во овие две земји, тој кажа дека единството сепак останало по фундаменталните принципи на ОН.

„Ние сме определени за одбрана на нашата колективна безбедност и за унапредување на човековите права“, кажа тој.

Речиси во секоја мисла што претседателот ја искажа пред Генералното собрание, беше вметната врската на она за што САД се залагаат со принципите на ОН и со тоа нивната неизбежна инволвираност. Тој ги внесе ОН во денеска презентираниот концепт и со неопходноста да се добие битката во Ирак зашто, како што рече тој, милиони ќе видат дека слободата, еднаквоста и материјалниот напредок се можни на Блискиот Исток.

„А на секоја млада нација и треба помош од пријатели“, вели господинот Буш. „Сега ирачката нација има потреба и заслужува помош од нас и сите држави на добра волја треба да истапат со обезбедување на таа помош“.

Американскиот претседател побара од Советот за безбедност на ОН да усвои нова резолуција против ширењето на оружјето за масовно уништување. ОН треба јасно да кажат, вели тој, дека тоа е криминална дејност и да воспостават нови меѓународни стандарди за контрола на увозот.

Третиот предизвик за кој зборуваше претседателот Буш беше борбата против СИДАта за која САД одредиле 15 милијарди долари за наредните пет години. Сексуалната трговија за него е уште една форма на ропство на која треба да се застане на патот со заеднички напори.

Претседателот заврши со силна определба на САД на основачкиот документ на ОН , што до денес, како што вели, не се променило. „И САД и ОН го признаваат моралот како закон над луѓето и државите, и кој треба да го штитат луѓето и државите. И САД и ОН се стремат за мир и слобода, што се обезбедува со храброст, а таа храброст треба да ја покажат сите“, рече претседателот Буш во првото обраќање пред Генералното собрание на ОН од инвазијата на Ирак.

XS
SM
MD
LG