Линкови за пристапност

Весли Кларк се очекува да ја соопшти својата кандидатура за претседател - 2003-09-16


Соработниците на генералот Кларк велат дека тој донел одлука да учествува во изборите за претседател во 2004-та, по средбата со политичките советници во федералната држава од каде потекнува, Арканзас. Некои од овие советници учествувале во кампањата Клинтон-Гор во 90-тите години.

Поранешниот претседател Клинтон беше меѓу демократите кои го охрабруваа Весли Кларк да се вклучи во претседателската трка, иако господинот Клинтон досега јавно нема дадено поддршка за ниту еден кандидат од Демократската партија.

Весли Кларк во неодмнешното интервју за Си-Би-Ес телевизијата, го објасни својот интерес да се кандидира.

„Мошне сум загрижен за курсот по кој се движи земјава, како дома, така и во странство. Мислам дека ни е потребно силно раководство кое има визија и кое ќе ја понесе државата во вистинска насока“, истакна господинот Кларк.

Тој ќе биде 10-ти демократ кој од партијата побарал претседателска номинација за изборите наредната година. Господинот Кларк поседува импресивно воено резиме, но недостатокот на политичко искуство и доцното влегување во кампањата може да се хендикеп во трката во која веќе учествуваат неколку искусни политичари од Вашингтон.

Генералот Кларк беше командант на НАТО за време на војната во Косово во 1999-та година. Тој го критикува претседателот Буш за начинот на кој раководеше со војната во Ирак и операциите по неа.

Во меѓувреме, уште еден демократски кандидат официјално ја започна својата кампања за Белата куќа. Сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс својата одлука ја соопшти во градчето Робинс, каде израснал.

„Ќе настојуваме и мораме да работиме со светот за да ја добиеме борбата против тероризмот и да ја довршиме работата во Ирак. Не смееме да доживееме неуспех во оваа мисија. Но, потребен ни е претседател кој ќе го обедини светот во борбата против теророт и борбата за безбеднот, бидјеќи во сето ова сме сите заедно и тоа никогаш не можеме да го заборавиме“, рече сенаторот Едвардс.

Тој го поддржа барањето на претседателот од минатата година за употреба на воена сила во Ирак, но како и останатите демократи во трката, ја критикува администрацијата за дистанцирање од американските сојузници и ОН и за немање план што да се стори во Ирак, по војната.

XS
SM
MD
LG