Линкови за пристапност

Ирак-главна точка на дневниот ред на американскиот Конгрес - 2003-09-03


Членовите на Американскиот Конгрес, по августовскиот годишен одмор се враќаат на Капитол Хил. Се очекува Ирак да биде главна тема на нивната агенда, паралелно со разгледувањето на голем број буџетски закони.

Како што се зголемува бројот на американските жртви во Ирак, така расте и загриженоста на американските законодавци за ситуацијата таму.

Демократите и републиканците упатуваат слични барања до администрацијата на Буш да побара поголема улога на меѓународната заедница во стабилизацијата и обновата на Ирак.

Администрацијата минатиот месец навести дека е можно да бидат вклучени ОН, но само под услов коалиционите сили да останат под американска команда.

Задоволството од ваквата идеја, сенаторот од Републиканската партија од Пенсилванија, Арлен Спектер го искажа од сенатската говорница.

„Задоволство ми е да слушнам дека администрацијата на Буш испрати сигнал оти ќе се разгледува учеството на ОН во Ирак. Не е посочена прецизната улога. Мислам дека тоа може да се постигне, со задржување на американската воена команда“, истакнува Спектер.

Но сенаторот Џон Кери од Масачусетс, во неговиот говор во Јужна Каролина, со кој и официјално ја објави својата кандидатура за номинација во Демократската партија за изборите за претседател на САД следната година, сугерира дека овој чекор на администрацијата бил малку задоцнет. Тој рече дека политикатата на претседателот Буш во врска со Ирак го оддалечила светот од САД.

„Во надворешната политика, Џорџ Буш не водеше и не одведе во погрешен правец, што е без преседан во нашата 200 годишна историја. Тој ја изневери добрата волја на светот по 11 септември, и ја изгуби почитта и влијанието што ни се потребни за безбедноста на нашата држава“, рече г-динот Кери.

Законодавците исто така го поставуваат прашањето за цената на чинење на американската мисија во Ирак, и во однос на човечки животи и во однос на парите од даночните обврзници. Тие в среда на седницата на сенатската Комисија за вооружени служби ќе можат да ја искажат својата загриженост на високите претставници на американската армија.

Наскоро се очекува администрацијата од Конгресот да побара дополнително финансирање за воените операции во Ирак за преостанатиот дел од буџетската година, што завршува на 30 септември.

САД трошат околу 1 милијарда долари неделно за воените активности во Ирак, несметајќи ги фондовите за обнова на земјата. Ништо од овие пари кои се опфатени во тринаесет буџетски закони кои сеуште не се поминати пред Конгресот.

Законодавците се надеваат дека во следните неколку недели ќе ја завршат работата по сите закони, кои се однесуваат на финансирањето на владините агенции за следната буџетска година, што започнува на 1 октомври.

XS
SM
MD
LG