Линкови за пристапност

Акции на кинеската централна банка за забавување на растежот - 2003-08-26


Додека голем број држави се обидуваат да излезат од глобалната рецесија, Кина е загрижена дека нејзината економија премногу се интензивира. Кинеската централна банка презема чекори за да ги успори инвестициите и позајмувањето од банките.

Народната банка на Кина им нареди на финансиските институции да одвојат поголем дел од капиталот за резерви и да го намалат зајмувањето.

Инвестирањето во фабрики и згради, на пример, порасна за скоро 33 проценти само во првите 7 месеца од 2003. Количеството на пари во оптек во првата половина на годината исто така се зголеми за повеќе од 20 проценти.

Економистите сметаат дека владата се плаши оти сите овие пари во банковиот систем може да доведат до олеснување на условите за добивање кредити, што може да доведе до инфлација. Позајмувачите би биле во искушение да градат повеќе фабрики, деловни згради и домови отколку што и се потребни на државата. Ваквата преголема понуда со тек на време може да предизвика некои од индустриските сектори да пропаднат и позајмувачите не би можеле да ги отплатат кредитите.

Енди Шеи е економист од Хонг Конг, кој работи во инвестиционата банка Морган Стенли. „Ова е прв пат тие да преземаат сериозна акција, односно прв пат на банките им биде одземено значително количество пари„.

Сега комерцијалните банки се обврзани да ги зголемат своите резерви од 6 на 7 проценти – што значи дека ќе имаат помалку пари за заеми, со што ќе се намали дотекот на пари во стопанството.

Г-динот Шеи вели додека саботниот потег сигнализира промена на политиката, не е веројатно дека смирувањето ќе настане веднаш, што може да ја доведе целата економија во рецесија.

Друг проблем на Кина е тоа што иако многу урбани средини, посебно на брегот, сега се економии во развој, голем дел од внатрешноста на државата е сиромашен и има десетици милиони невработени.

Г-динот Шеи очекува нови акции за забавување на растежот во следните месеци, особено во приватниот сектор, каде се многу присутни непропорционалните инвестиции. Тој вели дека Кина најверојатно ќе посегне по „административни механизми„ како што е на пример ограничувањето на бројот на дозволи за градежни проекти.

Во раните 90-ти, Пекинг успешно спроведе неколку слични акции со кои го успори растот. Лидерите на Комунистичката партија се претпазливи кога станува збор за губење на контролата над инфлацијата, бидејќи тоа може да доведе до јавно незадоволство и нестабилност.

XS
SM
MD
LG