Линкови за пристапност

Извештај на Светската трговска организација за меѓународната трговија - 2003-08-14


Светската трговска организација објави дека изминатата година е регистриран умерен пораст на меѓународната трговија од два ипол проценти. Организацијата смета дека ситуацијата со глобалната трговија годинава е неизвесна, во најголем дел поради влијанието на војната во Ирак и вирусот САРС.

Извештајот на Светската трговска организација покажува дека опоравувањето на глобалната економија е нееднакво. Притоа се наведува дека најмногу напредувале економиите во САД, Источна Азија, Кина и земјите во транзиција во источна и централна Европа. Наспроти тоа, стопанствата во Западна Европа и Јапонија и натаму стагнираат.

Економистот Мајкл Фингер од Светската трговска организација, вели дека конфликтот во Ирак предизвикал зголемување на цените на нафтата, што негативно се одразило на бизнисот во светот.

Исто така, тој вели дека кризата со вирусот САРС предизвикала забавување на растот на динамичните економии како оние во Кина, Хонг Конг и Сингапур. Но и покрај тоа, додава тој, Кина покажува подобри резултати од другите земји. „На наше изненадување, влијанието врз порастот на кинеската економија беше умерено„, рече Фингер. Тој информираше дека порастот на кинеската економија во првата половина од годината, се зголмеил за над 7 проценти, што го оцени како навистина неверојатно. „Во регионот на Азија, исто така се забележува пораст во економијата на Индија„, продолжи Фингер и додаде дека овие две земји заедно, се најнаселени во Азија и ги поддржуваат активностите во регионот.

Во извештајот на Светската трговска организација се вели дека растот во земјите во развој во Азија годинава ќе биде помал од лани. Меѓутоа, се уште ќе биде појак во споредба со другите региони во развој.

Во извештајот се наведува и дека економскиот раст во Африка забавил минатата година за три проценти, по зголемувањето од над 4 отсто во 2001. Но економистите на Светската трговска организација очекуваат економскиот раст во африканскиот регион годинава да се засили и да достигне 4,2 проценти.

Господинот Фингер вели дека има големи регионални разлики во Африка. „Има одличен економски раст во три држави каде што надминува 10 проценти; тоа се Екваторска Гвинеја, Мозамбик и Ангола„. Фингер објасни дека од друга страна, некои економии забележале рекорден пад на бруто домашниот производ во 2002. Како примери Фингер ги наведува Зимбабве и Мадагаскар. „Во последниве две земји имаше граѓански судири и тоа се главните фактори за негативниот раст кај нив„, кажа тој.

Господинот Фингер вели дека земјоделските субвенции во развиените земји имаат тенденција да ги намалат цените на африканските производи. Тоа им отежнува на африканските фармери да ги извезуваат нивните производи.

Во извештајот се вели дека американскиот извоз и натаму опаѓал во првите пет месеци од годинава, додека растел увозот. Како последица на тоа, се наведува дека се зголемил и американскиот трговски дефицит. Додека тоа е добро за американските трговски партнери, не е добро за САД.

XS
SM
MD
LG