Ирак
Американската разузнавачка агенција ЦИА вели дека неодамнешните снимки на Садам Хусеин најверојатно се автентични.
Портпаролот на агенцијата сепак додаде дека снимката е со лош квалитет што оневозможило аналитичарите да откријат со сигурност дека се работи за гласот на поранешниот ирачки лидер. На снимката, говорникот вели дека е средина на јуни и дека се уште се наоѓа во Ирак раководејќи со нападите против американските трупи. Тие напади продолжуваат со тоа што американските воени претставници велат оти двајца или повеќе американски војници во Ирак се убиени и најмалку четворица се повредени во серија на напади преку ноќта.
Либерија
Екипа од американски воени експерти се наоѓа во либерискиот главен град Монровија да ја процени ситуацијата во земјата пред можното распоредување на американски мировни трупи.
Вчера либерискиот претседател Чарлс Тејлор ја прифати понудата за азил во Нигерија, но кажа дека неговото заминување од земјата мора да биде, цитираме, организирано, за да се спречи хаос и немири. Господинот Тејлор претходно велеше дека нема да замине од Либерија се додека во земјата не бидат распоредени американски мировници. Белата куќа денеска соопшти дека е охрабрена од зборовите на господинот Тејлор додавајќи дека тие треба да бидат проследени со акција. Претседателот Буш неколкупати го повикуваше господинот Тејлор да поднесе оставка на функцијата и веднаш да ја напушти земјата.
Израел – Палестинци
Палестинците велат дека израелската одлука да ослободи неколку стотици палестински затвореници, не ги задоволува нивните барања како услов за примирјето.
Израел се подготвува да ослободи околу 350 од проценети шест илјади палстински затвореници, во време кога израелско-палестинското примирје трае веќе втора недела. Израел вели дека од можноста за ослободување се исклучени членови на милитантни групи и оние кои помагале во планирањето напади на Израел. Во меѓувреме, Израел вели дека неговите трупи привеле шест милитантни активисти на Исламски Џихад во близина на градот Џенин, на Западниот Брег. Еден израелски армиски портпарол кажа дека осомничените биле дел од одред кој подготвувал експлозиви.
Корзика - референдум
Неколку часа откако жителите на Корзика со тено мнозинство го отфрлија планот за поголема автономија од Франција, во експлозиии на бомби денеска на овој медитерански остров се уништени четири куќи, во сопственост на жители на Франција.
Околу 51 процент од Корзиканците гласаа против планот за автономија, додека 49 проценти позитивно се изјаснија на вчерашниот референдум. Гласањето се случи два дена откако француската полиција го уапси најбараниот бегалец-корзиканскиот сепаратист Иван Колона, по кого постои потерница од 1998 година за убиство на висок француски функционер на островот. Обвинителите денеска побараа од судот да го одложи судењето на осуммината осомничени за убиството, со цел на групата да и се приклучи и г-динот Колона. Но, судот сепак донесе одлука дека процесот треба да продолжи.