Добрата вест е што Македонија е се уште цела и релативно мирно подрачје. Безбедносната ситуација е подобрена до тој степен, што мировниците на НАТО си заминаа и сега се заменети со мировниците на ЕУ.
Шила Фрумин, која раководи со канадскиот Национален демократски институт кој промовира меѓу-етничка соработка, вели дека има голем политички напредок во земјата споредено со една година претходно, но додава дека новата влада бавно напредува со имплементирањето на Рамковниот договор.
„Албанските парламентарци сега можат да го користат албанскиот јазик во одредени услови. Документите како што се личните карти и пасошите сега се двојазични и ова се големи чекори“, вели госпоѓа Фрумин.
Ед Џозеф, американски истражувач кој за Меѓународната кризна група, со седиште во Брисел, го привршува својот проект во Скопје, е внимателен оптимист дека македонските Албанци, доколку им бидат дадени поголеми права и третирани со почит, на крајот ќе ја изразат својата лојалност кон македонската држава.
„Има потенцијал за Албанците да гледаат на оваа земја, како своја, исто како во периодот на Тито. Но, нема гаранција за тоа“, истакнува господинот Џозеф.
Тој посочува на некои загрижувачки знаци за етничка подвоеност во земјата.
„Во Македонија една од најзагрижувачките работи е што младата генерација е таа што покажува поголема омраза кон друга етничка група во споредба со постарата генерација. Подвоеноста е повеќе застапена кај помладите“, вели господинот Џозеф.
Македонската економија не функционира добро. Невработеноста изнесува над 20 проценти и има се помалку можности за соодветни работни места за помладите. Исто како и во соседна Србија и Црна Гора, многумина високо-образувани луѓе, сакаат да заминат во странство.
Иако реформистите кои се на власт од минатиот септември на дневниот ред ги ставија анти-корупциските мерки, г-ѓата Фрумин од Националниот демократски институт вели дека корупцијата е се уште голем проблем во Македонија. Таа наведува некои од типичните елементи на корупцијата во земјата.
„Една од побитните е приватизацијата на државните универзитети и имоти, при што државниците лично профитираат од продажбата на државната сопственост. Втор елемент е шверцот, и тоа со оружје, дрога, со луѓе и цигари“, вели госпоѓа Фрумин.
Големо прашање за Македонците е дали ќе се повтори етничкото насилство или воениот конфликт. Малкумина, и тоа просечни граѓани, законодавци или експерти, на прашањето одговараат со категорично не, додека странските инвеститори претпочитаат да останат настрана, така што судбината на луѓето од обете страни на етничката подвоеност, и натаму е недефинирана.