Со прилагодливи седишта, звучна изолација, Це-Де, телевизор и мобилен телефон, автомобилите станаа место каде практично може и да се живее. Но кога се работи за безбедноста, експертите велат дека возачите возат се побрзо, не ги вклучуваат трепкачите, а некои, дури ја истураат фрустрацијата врз други возачи. Експертите сметаат дека агресивното возење на патиштата во САД е во пораст. Најновата идеја за справување со агресивното возење е таканареченото „учтиво светло“.
Нападното приближување на едно возило до друго или пресекувањето на патот речиси без исклучок резултира во вистинска во војна на автопатот. Медиумите ова го нарекуваат агресивно возење.
Истражителите велат дека со се погустиот сообраќај на патиштата, возачите се под се поголем притисок и дека некои луѓе кои вообичаено изгледаат смирено, кога ќе влезат во своите автомобили, се однесуваат агресивно. Крис Дула, од Катедрата за психологија при Универзитетот Вирџинија Тек, вели дека автомобилите служат како катализатор луѓето да се трансформираат во агресивни возачи и дека за тоа има неколку причини.
Една е тоа што доколку брзате и некој ви го попречува патот, многу е веројатно дека ќе се вознемирите. Ние исто така околу нас имаме одредена зона на комфорт, така што доколку некој влезе во таа зона, луѓето се бранат со тоа што се разлутуваат, па дури и сакаат да се одмаздат. Луѓето мислат дека во автомобилот имаат некаква анонимност, а во суштина не размислуваат дека можат да бидат идентификувани преку регистарските таблички.
Комбинацијата од ризичното возење и негативните емоции ја креираат веројатноста од агресијата на патиштата, вели истражувачот Крис Дула. Како лек против ваквата агресија и да им помогнат на возачите да комуницираат на покултурен начин, двајца универзитетски професори развија комуникациски систем наречен „учтиво светло“. Џери Берсли предава самоодбрана на Универзитетот Радфорд во Вирџинија, а Скот Гелер е професор по психологија на Вирџинија Тек во местото Блексбург. Г-динот Гелер, кој минал 20 години проучувајќи ги навиките на агресивните возачи, предлага на задното стакло на автомобилот да се инсталира таканаречено „учтиво светло“, големо колку палец.
„Тоа би било мало зелено светло кое би се ставило на задната страна на автомобилот и со помош на копче би се запалило еднаш, два пати или три пати. Еднаш би светнало за - Ве молам, два пати за - Ви благодарам, три пати за - Се извинувам. Доколку светне по четврти пат, тоа значи дека треба да се повика 911, број што се бира само за итни случаи“, истакнува професорот Гелер.
Рич Виткомб раководи со програмата за возачка обука при Американската автомобилска асоцијација. Тој не е убеден дека ваквото светло е потребно, бидејќи, како што вели, возачите веќе комуницираат на многу различни начини.
„Комуникацијата треба сите да ја разбираат, оти во спротивно нема да биде ефикасна. Во денешниот сообраќај веќе постои огромна комуникација преку знаците на автопатиштата, штоп-светлата, трепкачите, па дури и блиндирањето на светлата е форма на комуникација. Возачите дури имаат усвоено начин на поздравување со маватње со раката“, вели тој.
Г-динот Виткомб верува дека подобрата едукација на возачите, а не дополнително светло, би помогнала да се намали агресивното возење.
Професорот од Универзитетот Вирџинија Тек Скот Гелер сепак се надева оти еден ден таканараченото „учтиво светло“ ќе влезе во употреба, кај оние возачи кои така би избрале. Но, пред тоа да се случи, тој ќе мора да ги убеди надлежните власти дека токму „учтивото светло“ е ефикасно решение за феноменот на агресивно однесување на возачите во сообраќајот.