Линкови за пристапност

Хамас и израелските доселеници против ветувањата на нивните премиери - 2003-06-04


Хамас вели дека ќе се држи до палестинскиот народ и до оружјето.

Портпарол на Хамас, Абдел Азис Рантиси вели дека организацијата никогаш нема да го положи оружјето додека не биде ослободена цела Палестина.

Господинот Рантиси со ваквата изјава е на линија на повелбата на Хамас која повикува на уништување на Израел, во интерес на република раководена од исламски закони.

Но неговите забелешки беа во остар контраст со помирувачките коментари од Хамас пред самитот во Акаба, Јордан, меѓу израелскиот и палестинскиот премиер и претседателот Буш.

Неколку часа пред средбата, претставник на Хамас, Абу Шанаб кажа дека неговата организација била подготвена за примирје доколку Израел се согласи да се повлече од палестинските области на Западниот брег и Појасот Газа.

Од своја страна, пак, Исламскиот Џихад, организација со слични цели како Хамас, кажа дека ќе продолжи со отпорот се додека израелските сили продолжуваат да ги окупираат палестинските области.

И Хамас и Исламски Џихад често изведуваат самоубиствени бомбашки напади.

Господинот Абас апелираше до групите да запрат со таквите напади со цел да се даде шанса за успех на преговите со Израел.

Во меѓувреме, израелските противници на планот Мапа кон мирот за Блискиот Исток се собираат во Ерусалим за, како што се надеваат – масовни демонстрации.

Во организација на Советот Јеша за еврејските доселеници на Западниот брег и Газа, собирот апелира на сите Израелци да ја запрат владата во напорите за отстранување на некои населби и дозволување на создавање на палестинска држава.

Со години, господинот Шарон беше на страната на доселениците, но Шаул Голдстајн, лидерот на Советот Јеша за него вчера изјави: "Тој ја изгуби лидерската улога. Тој го загуби својот пат."

XS
SM
MD
LG