Линкови за пристапност

Владимир Тисманиану:Источна и Централна Европа се соочени со предизвиците за интегрирање кон ЕУ и за приклучување на империјата на моќта -САД и Британија - 2003-05-28


Земјите од Источна и Централна Европа на НАТО гледаат како на гарант на нивните нови демократии и на безбедноста, за разлика од Европа која преку ЕУ, ја сметаат за се уште несигурна економска заедница, и немоќна обединета воена сила. Ова го вели професорот по политички науки на Универзитетот во Мериленд, Владимир Тисманиану кој вчера во Вудроу Вилсон Центарот во Вашингтон говореше на тема „Источна и Централна Европа меѓу Париз и Вашингтон“.

Професорот Тисманиану смета дека главна пресвртница за земјите од Источна и Централна Европа се револуциите во 1991 година, кога се создаваат нови демократии и на НАТО се гледа како на најважна политичка и воена алијанса, која може да ја гарантира нивната безбедност. Тој се повикува на тезата дека станува збор за демократии кои во минатото биле позиционирани меѓу Русија и Германија или тнр. нацистички-советски пакт. „Кај овие земји постои страв од Русија независно дали тој е оправдан или не, бидејќи ја сметаат за нестабилна и се уште политички експанзионистичка“, констатира г-динот Тисманиану. А тука, вели тој, е и стравот од наплив на национализмот.

„Демократската консолидација на овие земји директно се поврзуваше со нивното членство во НАТО или барем така се сметаше. За демократските елити, тука посебно се мисли на либералните елити во овие земји, членството во НАТО беше главен елемент за спречување на тнр. етноцентричен популизам“,вели тој .

Проамериканскиот став во источна и централна Европа особено во периодот 2002- 2003 година директно е поврзан со американската улога во воените акции на Косово во 1999 година, смета професорот Тисманиану, или точно 10 години по завршувањето на студената војна.

„Источноевропските земји или барем нивнте лидери ја сфатија воената немоќ на Западна Европа во ситуации на големи кризи, вклучувајќи и хуманитарни катастрофи. Јасно е дека Западна Европа не може да создаде воена сила. Тоа ќе биде можно само ако Британија се приклучи на тоа, а според она што читаме во весниците и јас немам некои посебни информации, не е веројатно дека Британија е за формирање обединети воени сили со Франција во овој момент“, смета професорот Тисманиану.

Антиамериканското расположение што кај овие земји се појави последниве години тој не го врзува со некоја администрација, туку го смета за резултат на став кој се карактеризира со антилиберализам, анти индивидуализам, против слободен пазар, против вредностите на политиката за човекови права. Луѓето со таков став тој ги дефинира како фрустрирани сили, губитници од транзицијата, луѓе кои не сакаат партии и парламенти, кои за нив се шаради на демократијата, неоромантични поети, теолошки фанатици, противници на пазарна економија, пензионирани агенти на тајната полиција, поранешни информатори, конзервативни критичари на вредностите на мас -демократијата.

Професорот Тисманиану смета дека пред источноевропските демократии постои предизвик за двојна интеграција, кон ЕУ како кон своевидна сила и интеграцијата кон империјата на моќта, што ја симболизираат САД и Британија, - трендови за кои тој вели дека се поклопуваат и меѓусебно си конкурираат.

XS
SM
MD
LG