Линкови за пристапност

Евростат: Стопанскиот растеж во ЕУ е нула - 2003-05-15


Стигнуваат повеќе вести за бавната економија во Европа. За првпат по речиси две години ЕУ извести дека стапката на пораст последниве три месеци е нула.

Проценката доаѓа од статистичката агенција на ЕУ, Евростат, со седиште во Луксембург. Извештајот се однесува на првото тримесечје од годинава и се заснова на информации од седум од вкупно 15-те членки на ЕУ, вклучувајќи ги во нив и најголемите економии во Унијата, Британија, Германија, Франција и Шпанија.

Ова е најновиот од неколкуте индикатори, меѓу кои и растечката невработеност, која дава мрачна слика за европската економија. Но портпаролот за економија на ЕУ, Герасимос Томас не му придава големо значење на извештајот.

„Податоците донекаде се разочарувачки, а донекаде изненадувачки. Се очекуваше дека бруто домашниот производ во првото тримесечје ќе расте со стапка од нула запирка еден процент“, вели г-динот Томас.

Но тој за проценката од нула пораст го обвинува конфликтот во Ирак но исто така кажа дека брзото завршување на војната може да помогне европската економија да се врати на добра патека во втората половина на годинава. Тој вели дека така ќе се исполни проценката од еден процент стопански растеж за целата година.

Слично мисли и економистот Ферди Адам од Статек, владина статистичка агенција на Луксембург.

„Економијата денес не стои полошо од вчера, со овие нови бројки. Првата половина од годината е тежок период, после неколку тромесечја подобар растеж минатата година. Сите знаеја дека првите две тромесечја ќе бидат потешки“, истакнува г-динот Адам.

Економистите велат дека намалениот растеж врши притисок врз Европската централна банка да ги намали каматните стапки следниот месец, во обид да ја засили економијата со тоа што ќе биде поевтино да се позајмуваат пари.

Растечкото евро, кое достигна најголема вредност во последниве четири години исто така врши притисок на европската економија зашто европскиот извоз го прави поскап. Еврото се употребува во 12 држави на Европа. Британската влада денеска кажа дека на деветти јуни ќе објави дали ќе изврши притисок за приклучување на евро-системот, иако навистина не се очекува тоа да се случи.

Сево ова се случува во време кога е објавен нов извештај од францускиот Институт за меѓународни односи, под наслов Светската трговија во 21 век. Во него стои дека до 2030 европскиот дел на светската економија ќе биде само 12 проценти, што е половина од она што претставува денеска. Извештајот вели дека светски економски лидери во децениите што доаѓаат ќе бидат Северна Америка и, како што се вели, голема Кина, во која се вклучува и Тајван.

XS
SM
MD
LG