Линкови за пристапност

Условена американската воена помош за Македонија - 2003-05-14


САД уште од минатото лето контактираат со многу земји во светот, да го потпишат таканаречениот договор за членот 98, со кој ќе се обврзат да не предаваат Американци на Меѓународниот кривичен суд. Меѓу овие земји е и Македонија, вели портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Филип Рикер.

“Како дел од тој процес американската амбасада во Скопје веќе и пристапи на македонската Влада, и писмено, како што стори со многу други земји, предлагајќи формални преговори за склучување на договорот и во моментов во Скопје имаме тим на разговори“,изјави Рикер.

Меѓутоа, портпаролот Рикер на вчерашниот брифинг во Стејт департментот потсети дека доколку овој договор не биде потпишан до 1 јули, тогаш Македонија ќе ја изгуби армиската помош.

“Треба да ве потсетам дека според одредбите на Законот за заштита на припадниците на американските вооружени сили, што беше воведен како додаток во трошоците за фискалната 2002 година, обезбедувањето на армиска помош како што е меѓународната армиска обука или армиското финансирање од странство е забрането или стапува на сила на 1 јули годинава за секоја земја која е дел од Меѓународниот криминален суд и го нема потпишано договорот за членот 98 со САД“, рече господинот Рикер.

Портпаролот на Стејт Департментот нагласи дека овој договор е од приоритетно значење за САД, пред се за билатералните односи со Македонија, но не сакаше да коментира какви други последици би имало за Македонија доколку Владата не го потпише.

“Не можам да шпекулирам, бидејќи во моментов имаме тим во Скопје што разговара за тоа со Македонците, како што разговараме и со многу други земји во светот. Специфичните последици потпаѓаат според законот што го споменав“, изјави портпаролот Рикер.

Инаку, Македонија редовно добива воена помош од САД од над десетина милиони долари. Според извори од македонската во амбасада во Вашингтон, оваа помош е зголемена за еден милион долари за оваа година, што било договорено за време на посетата на македонскиот министер за одбрана Владо Бучковски на Вашингтон во март. Помошта е резултат на учеството на Македонија во коалицијата предводена од САД во војната во Ирак. Американската воена помош се состои главно во обука на припадниците на македонските вооружени сили и помал дел во опрема. Во моментов во САД се образуваат 30 офицери на македонската армија.

XS
SM
MD
LG