Престедателот вели дека намалувањето на даноците е најдобар начин за зајакнување на американската економија, на која тоа и е очајно потребно.
Тоа е главна тема деновиве на агендата на Конгресот, и може да има клучна улога во кампањата на претседателските избори идната година. Свесен дека слабата економија може да ги намали неговите шанси на гласачките места, претседателот патува низ земјата, барајќи од Американците да ја поддржат неговата економска политика.
Сигнал за важноста на расправата за даноците дојде од американската телевизија. За прв пат по многу недели, темата што доминираше на неделните телевизиски интервјуа не беше Ирак, туку статусот на американската економија.
Наместо државниот секретар или секретарот за одбрана, новиот секретар за финансии даваше интервјуа. Во емисијата "Meet the Press," на Ен-Би-Си, Џон Сноу го бранеше предлогот на претседателот за намалување на даноците. Тој кажа дека економијата се опоравува, но не доволно брзо.
„Тоа не е силно опоравување, туку е бавно и слабо. Стапката на растеж минатиот квартал изнесуваше 1,6 проценти. Би требало таа да се зголеми на 3,5 до 4 проценти. Значи дека сме под проектираното ниво“, рече секретарот Сноу.
Тој кажа дека со големо намалување на даноците купувачите ќе добијат повеќе пари, кои за возврат ќе ги употребат да купат стоки и услуги.
Господинот Сноу зборуваше за ефектот на поврзана реакција, со што ќе се отворат многу нови работни места. Но демократите велат дека последниот пат кога на еден претседтаел му било одобрено даночно скратување, стапката на невработеност автоматски се зголемила. Тие исто така посочуваат на високите зголемувања на буџетскиот дефицит и националниот долг, велејќи дека државата не може да дозволи губитоци на приходот во време кога има толку многу обврски од националната безбедност до здравствената заштита за постарите.
Лидерот на демократите во Сенатот, Том Дешл во емисијата "Meet the Press" кажа дека има добра причина да биде скептичен.
„Ние поддржуваме намалување на даноци. Меѓутоа, не кога намерата е да се создаде долг во висина што го предлага администрацијата“, истакна господинот Дешл.
Претседателот Буш првично предложи намалување на даноците во вредност од 726 милијарди долари. Претставничкиот дом предложи 550 милијарди долари, што претставува копромис прифатлив за Белата куќа. Но во Сенатот се разгледуваат многу пониски бројки, или околу половина од она што го бара претседателот. Се очекува Сенатот да ја заврши работата за пакетот даночни олеснувања идната недела. Предлог законот потоа ќе треба да се усклади со мерките што беа усвоени во Претставничкиот дом. Администрацијата на Буш се надева дека ќе преовладее поголемата бројка од Претставничкиот дом.