Линкови за пристапност

Сенатот го одобри вториот круг од проширувањето на НАТО - 2003-05-08


Во присуство на министрите за надворешни работи на Бугарија, Романија, Словачка, Словенија, Естонија, Латвија и Литванија, сенаторите напоменаа дека ова се случува на годишнината од сојузничката победа во Европа во Втората светска војна.

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Бил Фрист ја истакна поддршката на овие седум држави во војната во Ирак предводена од САД.

„Треба да биде поучно за нас што овие седум држави кои наскоро ќе станат НАТО сојузници, веќе беа на наша страна во неодамнешната борба за ослободување на Ирак. Затоа што мораа да се борат за сопствено ослободување, тие разбираат дека слободата не е бесплатна“, истакна сенаторот Фрист.

Лидерот на Демократите во Сенатот, Том Дешл истакна:

„Ова е почеток на партнерство што ќе создаде поголема светска стабилност, поголемо меѓународно инволвирање во светските проблеми, и партнерство со земји кои ќе станат многу важни партнери и сојузници на САД“, подвлече сенаторот Дешл.

Сенаторите докажуваа дека вклучувањето на државите аспиранти би можело да помогне во јакнењето на Алијансата, за која сметаат дека е ослабена заради поделбите меѓу членките во врска со војната во Ирак.

Шест од седумте држави беа членки на коалицијата против Ирак, додека Словенија дозволи прелет преку својата територија за хуманитарни мисии.

Разочарани од одлуката на Франција, Германија и Белгија во почетокот на годинава да го блокираат барањето НАТО да помогне во јакнење на одбраната на Турција пред војната, сенаторите усвоија амандман со кој НАТО се повикува да го отфрли барањето одлуките да ги донесува едногласно. Со овој аманадман исто така се бара НАТО да размисли за суспендирање на членките кои престанале да ги применуваат демократските принципи.

Сенаторите велат дека државите аспиранти треба да ги зајакнат силите на НАТО со околу 200 илјади војници и да додадат нови бази што во иднина ќе може да се користат за мисии насекаде во светот.

Влезот на седумте кандидати зависи од ратификацијата на сите 19 членки на Алијансата. Само Норвешка и Канада досега го одобрија вториот круг од проширувањето на НАТО. Инаку, првото проширување на НАТО беше во 1999 година, кога беа примени Чешката Република, Полска и Унгарија.

XS
SM
MD
LG