Линкови за пристапност

Експерти на САД во Ирак ќе го бараат скриеното оружје за масовно уништување на соборениот ирачки режим - 2003-04-18


Засилената потрага ќе ја спроведе Групата за истражување на Ирак, во најголем дел цивилен тим што ќе го предводи засега неименуван генерал. Извори од Пентагон за Гласот на Америка велат дека групата ќе ја сочинуваат научници, технички персонал, експерти за разузнавање и други лица. Тие ќе располагаат со опрема за изведување анализи на хемиски и биолошки примероци од теренот.

Во тимот ќе бидат вклучени припадници на воената 75-та единица за изведување истражувачки работи, која веќе се наоѓа во Ирак и трага по оружје. Оваа единица веќе зела примероци од осомничени локации за складирање на оружје и ги испратила надвор од земјата на детална истрага.

Засега не се знае кога Групата за истражување ќе замине за Ирак. Извори од Пентагон велат дека тоа зависи од безбедносните услови, бидејќи многумина експерти, според официјалните лица „се национално богатство што не смее да биде изложено на ризик“.

Со најавата за засилена потрага по оружје за масовно уништување, очигледно е дека Пентагон сака да ги отстрани пројавените сомнежи дека, поради тоа што досега не е пронајдено оружје за масовно уништување, администрацијата на Буш би можела се помалку да става акцент на разоружувањето на Ирак како една од главните причини за војната.

Главниот портпарол на Пентагон, Викторија Кларк, на прес-конференција изјави дека ваквите сомневања се погрешни - независно дали се работи за потрагата по оружјето за масовно уништување, за избеганите ирачки лидери или за другите цели на мисијата.

„Еве што правиме – продолжуваме да ги истребуваме остатоците на влијанието на ирачкиот режим, кои сакаат да го спречат ирачкиот народ да ја обнови земјата. Сакаме да го пронајдеме и да го уништиме оружјето за масовно уништување. Сакаме да ги искорениме терористите што таму се наоѓаат. Сакаме да пронајдеме разузнавачки податоци за терористичките врски. Сакаме да им помогнеме на Ирачаните во транзицијата кон една далеку порепрезентативна влада“, рече г-ѓа Кларк.

Извори од Пентагон велат дека Групата за истражување на Ирак ќе работи на нешто повеќе од само потрага по хемиско и биолошко оружје. Тие велат дека членовите на тимот ќе бидат вклучени и во потрага по терористичките врски во Ирак и докази за воени злосторства извршени од страна на членови на режимот на Садам Хусеин.

Групата за истражување на Ирак ќе ги дополни испитувањата на некои веќе посетени објекти, но извори на Пентагон велат дека, со помош на американските разузнавачки агенции групата ќе изработи и листа на сомнителни објекти, а ќе ги следи и изјавите на ирачките научници, како и информациите од други Ирачани.

Зборувајќи пред вработените во Пентагон, американскиот секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд кажа дека токму Ирачаните се оние кои ќе дадат битни индикации.

„Лично, не мислам дека ние ќе откриеме нешто. Мислам дека она што ќе се случи е дека ќе откриеме луѓе кои ќе ни кажат каде да одиме и да наоѓаме докази. Ова е не потрага по богатство, кога одите наоколу, надевајќи се дека нешто ќе најдете. Едноставно, не мислам дека тоа ќе се случи. Инспекторите на ОН не најдоа ништо и се сомневам дека ние ќе пронајдеме нешто“,истакна американскиот секретар за одбрана.

Доколку биде пронајдено какво и да е хемиско или биолошко оружје, г-динот Рамсфелд вели дека е загрижен оти некои земеји и критичари на американската политика, ќе тврдат дека САД самите го подметнале. Тој кажа и дека тимовите ќе се погрижат да ја документираат веродостојноста на она што би го пронашле, на начин сличен на оној при водењето на криминални случаи, со цел да се заштити пронајденото. Но, господинот Рамсфелд вели дека критичарите и натаму ќе изрекуваат, како што ги нарекува, лаги, исто како што тоа го поранешниот ирачки министер за информации. Секретарот Рамсфелд вели дека американската влада не може многу да стори во врска со ова.

XS
SM
MD
LG