Линкови за пристапност

Сослушување во Конгресот за идното присуство на САД на Балканот - 2003-04-11


Ова може да е момент кога Балканот добива улога на арена каде САД и Европа ќе се обидат да создадат концепт на соработка што со време треба да резултира во подобрување на трансатлантските односи.

Кои се лекциите научени од досегашната инволвираност на Балканот, колку натамошното останување на САД во регионот е оправдано, што од добиеното искуство може да се примени на Авганистан и ирак, и конечно, што значи префрлањето на мировничката обврска во Македонија од НАТО во ЕУ? Во овој широк контекст Комисијата за меѓународни односи на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес вчера се обиде да ја лоцира улогата на САД на Балканот.

Господинот Даг Биројтер, кој е претседател на поткомисијата за Европа, е цврсто убеден дека Европа би требало да игра критична улога во помагањето на балканските народи да институционализираат демократија, но тој се прашува дали ЕУ има политичка волја, кредибилитет и кохерентност да ја изведе стратегијата до успешен крај и дали ќе посвети неопходни ресурси во даден временски период.

Еден од повиканите стручњаци да го изнесат своето гледиште беше господинот Даниел Сервер, директор на Балканската иницијатива во американскиот Институт за мир. Тој вели дека голем проблем е што на европа и недостига кредибилитет кај балканските народи. Посебно Албанците, но исто и Србите и Босанците, вели тој, покажуваат малку почит за Европјаните, иако ги плаќаат сметките и како крајна цел сите сакаат да се интегрираат во Европа.

Господинот Сервер нуди рецепт: ЕУ треба да престане да го третира Балканот како далечен регион на кој му треба стабилизација и да почне да го гледа како соседна област на која ЕУ има намера да се прошири..

Генерал-мајорот Вилијам Неш, кој по пензионирањето од армиската служба е директор на Центарот за превентивна акција во Вашингтон , ситуацијата ја гледа од поинаква перспектива. Не сум загрижен, вели, што Европкјаните сакаат да бидат инволвирани, туку сум загрижен што САД не сакаат. За него Балканот е тест за способноста на ЕУ но и можност за развој на нов вид колаборација меѓу САД и Европа, што со време може да прерасне во матрица на идна транс-атлантска соработка. Наместо повлекување од Балканот, господинот Неш смета дека натамошното американско ангажирање останува неопходност за балканските држави да постигнат стабилност што ќе ги направи продуктивни партнери. Меѓутоа, другите ангажмани, надвор од Балканот, значат дека во интерес на САД е тие да имаат поддржувачка, а не доминантна улога во реконструкцијата на Балканот.

Конгресменот Биројтер е еден од оние кои силно веруваат во потребата од американско присуство на Балканот. По конгресното сослушување го запрашавме како ја гледа иднината на Македонија во тој контекст. Неговиот одговор беше дека иако САД нема да имаат трупи, тоа не е изговор и не може да се користи како изговор за намалување на присуството. Македонија е премногу важна за регионот и за нашите НАТО-сојузници, особено за Турција и Грција, да се намали нашиот ангажман во Македонија. Ние нема да имаме мир и стабилност во регионот ако не се создаде мир и стабилност за граѓаните на Македонија. Тој исто така се согласува дека Македонија може да биде арена за подобрување на односите НАТО-ЕУ и ЕУ-САД и македонскиот пример може да поведе во други успеси, како на пример Ирак и Авганистан.

XS
SM
MD
LG