Говори Џорџ, В. Буш, претседател на Соединетите Американски Држави. Во овој момент, режимот на Садам Хусеин се остранува од власт, и долгата ера на страв и суровост завршува. Американските и коалиционите сили сега дејствуваат внатре во Багдад и нема да запреме се додека корумпираната банда на Садам не замине. Ирачката влада и иднината на вашата земја, наскоро ќе ви припаднат вам.
Целите на нашата коалиција се јасни и ограничени. Ќе ставиме крај на бруталниот режим, чија агресија и оружје за масовно уништување претставуваа исклучителна закана за светот. Коалиционите сили ќе помогнат во воспоставување на редот и законот, за Ирачаните да можат да живеат во безбедност. Ќе ги почитуваме вашите свети верски традиции, чии принципи на еднаквост и сочувствителност се суштински за иднината на Ирак. Ќе ви помогнеме да изградите мирољубива и репрезентативна влада која ќе ги штити правата на сите граѓани. Потоа, нашите воени сили ќе заминат. Ирак понатаму ќе напредува како единствена, независна и суверена држава, која повоторно ќе го врати заслуженото место во светот.
САД и нивните коалициони партнери го почитуваат народот на Ирак. Ние преземаме мерки што претставуваат преседан, за да ги поштедиме животите на невините ирачки граѓани, и почнавме да доставуваме храна, вода и лекови на оние на кои тие им се потребни. Нашиот единствен непријател е суровиот режим на Садам, а тој режим е и ваш непријател.
Во новата ера што пристига во Ирак, вашата земја нема повеќе да биде заробеник на волјата на суровиот диктатор. Вие ќе бидете слободни да создадете подобар живот, наместо да градите палати за Садам и за неговите синови, ќе бидете слободни да остварувате економски просперитет без товарот на економски санкции, ќе бидете слободни да патувате и да го зборувате она што го мислите, слободни да учествувате во политиката на Ирак. Сите луѓе во вашата земја, Курди, Шиити, Туркомани, Суни и други, ќе бидат ослободени од ужасните прогонства, од кои толку многу страдаа.
Кошмарот што го создаде Садам Хусеин во вашата земја, наскоро ќе заврши. Вие сте добри и надарени луѓе, наследници на голема цивилизација што влијае на целото човештво. Заслужувате подобро од тиранија и корупција и ќелии за измачување. Заслужувате да живеете како слободни луѓе. Му гарантирам на секој граѓанин на Ирак: вашата земја наскоро ќе биде слободна.
Благодарам.