Линкови за пристапност

Најнови вести - 8 април 2003 - 2003-04-08


ИРАК - ВОЈНА

Американските трупи денеска напредуваат во Багдад додека претставниците на коалицијата се обидуваат да дознаат дали ирачкиот лидер Садам Хусеин загинал во вчерашните бомбардирања.

Американските власти велат дека наредбата за напад врз населената област Мансур во Багдад, била издадена по разузнавачките информации кои индицирале дека Садам неговите два сина и други членови на раководството можеби се состануваат на тоа место. Американски претставници велат дека ќе треба време да се утврди дали Садам бил присутен кога паднале бомбите. Неколку куќи се уништени и оштетени во нападот, а новинските извештаи велат дека девет лица биле убиени. Борбите продолжуваат во многу делови на Багдад , кога Ирачаните главно наоружани со ракети и пушки пружале силен отпор на влегувањето на американските трупи во градот. Американската Централна команда соопшти дека маринците ја освоиле воената воздухопловна база Рашид по заземањето на багдадскиот меѓународен аеродром во петокот.

ИРАК МЕДИУМИ

Во нападите на американската армија врз Багдад загинаа двајца новинари, а неколку се повредени.

Арапската сателитска телевизиска мрежа ал-Џезеира соопшти дека во денешното американско бомбардирање било погодено нивното дописништво во Багдад и загинал еден нивни вработен. Накусо после тоа, 35-годишниот Украинец Тарас Протсјук, инаку камерман на Ројтерс, загинал кога американски тенк пукал во хотелот Палестина во Багдад од каде бил нападнат со лесно оружје. Неколку вработени на Ројтерс и еден шпански новинар се повредени.

БУШ- БЛЕР-ИРАК

Претседателот Буш и британскиот премиер Тони Блер изразија поддршка за витална улога на ОН во реконструкцијата на повоен Ирак.

Господинот Буш кажа дека коалицијата предводена од САД ќе се движи колку што е можно побрзо да се воспостави привремена влада во Ирак по падот на режимот на Садам Хусеин. Двајцата лидери исто така нагласија дека ирачкиот народ ќе раководи со сопствената земја. Тие ова го изјавија на денешната прес-конференција по разговорите во Северна Ирска. Претходните извештаи сугерираа дека Британија сака позначајна улога на Он во споредба со Вашингтон. Во меѓувреме, францускиот претседател Жак Ширак потврди дека во петок и сабота во рускиот град Санкт Петерсбург ќе се сретне со лидерите на Германија и Русија. Се очекува разговорите да се однесуваат и на Ирак.

КОРЕА-ДИПЛОМАТИЈА

Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН не успеаа да се договорат за предложената осуда на севернокорејската нуклеарна програма.

Пратениците од САД, Франција, Британија, Русија и Кина вчера имаа приватни разговори во Њујорк, каде 15-члениот Совет се среќава во среда на дебата по севернокорејското прашање. САД бараат Советот за безбедност да издаде соопштение на осуда на Северна Кореја заради повлекувањето на земјата од глобалниот договор за атомско оружје и да се поттикне Пјонгјанг да се придржува на своите меѓународни обврски. Но дипломатите им кажаа на новинарите дека Пекинг одбил да се придржува на таквиот план и дека Москва се двоумела. Пјонгјанг го предупреди Советот да се држи настрана од прашањата кои се однесуваат на него.

ИРАК-САМИТ

Лидерите на Русија, Франција и Германија планираат кон крајот на неделава да остварат средба со генералниот секретар на ОН Кофи Анан во Сент Петерсбург.

Кремљ денеска ги соопшти плановите за средбата, притоа не давајќи детали за агендата, но се очекува лидерите да разговараат за иднината на Ирак. Русија, Франција и Германија беа главните противници на војната во Ирак предводена од САД и секоја од овие земји побара ОН да имаат улога во повоената изградба на земјата.

ВИРУСОТ САРС

Лекарите во главниот град на Кина, Пекинг, велат дека владата го крие размерот на проширеност во градот на смртоносниот респираторен вирус, наречен Силен акутен респираторен синдром или САРС.

Независна анкета на новинската агенција Ројтерс покажува дека епидемиолошките одделенија во пекиншките болници се полни со пациенти за кои се верува дека се инфицирани со вирусот. Ројтерс цитира неколку лекари кои велат дека бројот на починатите од болеста е многу повисок од она што го кажува владата. Магазинот Тајм цитира лекар кој вели дека неговите колеги се лутат на владата што не ја кажува вистината за заразата. Портпарол на министерството за надворешни работи денеска го бранеше ставот на владата по ова прашање.

XS
SM
MD
LG