Линкови за пристапност

Потребно е да се посвети поголемо внимание на кризата околу севернокорејската нуклеарна програма, сметаат аналитичарите од регионот - 2003-04-03


Во октомври минатата година, Северна Кореја се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, ги протера инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија од земјата, и повторното ги активира нуклеарните комплекси, признавајќи дека работи на тајни програми за збогатен ураниум.

Доналд Загорија раководи со американско-тајванскиот-кинески проект на независниот Национален Комитет за американска надворешна политика. Тој вели дека американското разузнавање е уверено оти Северна Кореја можеби веќе е способна до крајот на годинава да произведе до шест нуклеарни оружја. Овие перспективи ги загрижуваат американските политичари.

„Стравувањата произлегуваат од тоа дека доколку овој тренд продолжи, САД наскоро би можеле да се соочат со подеднакво несакани алтернативи –или да ја прифатат Северна Кореја како нукеларна сила - со што ќе се доведе во опасност целокупниот режим за неширење на нуклеарното оружје и веројатно ќе се поттикне трка за нуклеарно вооружување во североисточна Азија, или пак да употрбат воена сила за нејзино запирање“, потенцира г-динот Загорија.

Јужнокорејскиот амбасадор во ОН, Сун Џун-јунг смета дека нуклеарната способност на Северна Кореја претставува голема и итна закана по неговата земја, и би можела негативно да влијае врз целиот регион. Тој верува дека ситуацијата би можела да ескалира, доколку не се интервенира што е можно побргу.

„Никој не може да предвиди какви провокативни активности би можела да преземе Северна Кореја во следните денови и недели. Северна Кореја се закани дека ќе преземе контра-акции како одговор на минатонеделното лансирање на набљудувачки сателити од страна на Јапонија“, вели јужнокорејскиот амбасадор.

Аналитичарите во регионот имаат различни ставови во однос на причината поради која Северна Кореја се определила за вакво ризично однесување. Некои велат дека со тоа едноставно сакаат да ги натераат САД да седнат на преговарачка маса, надевајќи се дека ќе добијат голем пакет помош и намалување на санкциите во замена за разоружување. Други, пак, мислат дека тоа е тактика на очај на една изолирана земја, решена да стане нуклеарна сила.

Откако се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, Северна Кореја инсистираше само на билатерални преговори со САД, додека САД истакнуваа оти разговорите мора да бидат мултилатерални, во кои ќе бидат вклучени и заинтересираните земји од регионот.

Поранешниот американски помошник -државен секретар за Источна Азија, Винстон Лорд вели дека разговорите мора да бидат мултилатерални, бидејќи прашањето е и од регионално и од глобално значење. Другите земји, според него, треба да дадат поттик и да извршат притисок за спроведување на договорот. Тој истакнува дека односите меѓу Северна Кореја и САД се премногу затегнати за да бидат билатерални.

„Не можам да поверувам дека севернокорејската Влада ќе прифати парче хартија од САД, имајќи ја предвид нејзината природа, односно сиот тој цинизам и недоверба“, смета тој.

Г-динот Лорд оценува дека во преговорите треба да бидат вклучени Јужна Кореја, Русија, Јапонија и Кина. Јужнокорејскиот амбасадор во ОН, Сун Џун-јунг мисли дека овие средби треба да имаат елементи на билатерала, и ја предуредува меѓународната заедница да не дозволи конфликтот во Ирак да го одвлече вниманието од напорите Северна Кореја што е можно побрзо да биде донесена на преговарачка маса.

Советот за безбедност на ОН се согласи на 9 април да одржи состанок на кој ќе се разговара за севренокорејската нуклеарна криза. Состанокот е резултат на американското лобирање и притисок врз Советот за безбедност, да ја осуди Северна Кореја поради непочитување на меѓународниот договор за нуклеарна безбедност.

XS
SM
MD
LG