Пораката што ја прочита ирачкиот министер за информации Мохамед Саед ал-Сафах, ги повикува Ирачаните да ја исполнат верската должност и да се борат против окупирачките американски и британски сили. Во пораката се вели дека Ирачаните ќе одат во рајот доколку ги дадат своите животи на бојното поле.
Експертот за фундаментализам, Хала Мустафа од ал-Ахрам Центарот за политички и стратешки студии во Каиро, вели дека ирачкиот режим сака да го претвори конфликтот во верска војна затоа што, според неа, владејачката партија Баат ја изгубила способноста да ги мобилизира ирачките граѓани.
„Тоа значи дека овој лидер веќе не ужива никаков политички легитимитет и дека се обидел да го исламизира целиот проблем за да добие неков лажен политички кредибилитет и легитимитет. Тоа значи дека дека самата Баат е ослабена. Оваа партија треба да биде секуларна и кога ја користите религијата тоа значи дека, според самата партија, според партиските слогани или според партиските правила, не сте веќе во можност да ги мобилизирате луѓето. Затоа мора да употребите нешто друго“, истакнува Мустафа.
Но на Универзитетот во Каиро, професорот по политички науки Мохамед Камал вели дека овој потег не значи оти ирачката Влада ја напушта идеологијата на партијата Баат. Тој вели дека ставањето на конфликтот во верски рамки е тактика што Садам и другите арапски лидери ја употребувале и порано.
„Не е првпат Садам да ги користи зборовите на џихадот. Тој ги користеше исламските симболи и во текот на првата војна во Персискиот залив. Значи, тоа е тактика што повеќето лидери од овој дел на светот ја користат за да ги мобилизираат луѓето, дури и кога не веруваат во тоа. Многумина сега оваа војна со Ирак ја сметаат за верска војна, така што тој само се обидува да профитира од тоа. Но тоа не значи дека тој се откажал од својата баатистичка идеологија“, вели тој.
Од почетокот на војната високи ирачки претставници кажуваа дека ќе употребат се што им е на располагање во борбата против американските и британските трупи.
Семи Баруди раководи со одделот за политички науки на Либанско-Американскиот Универзитет во Бејрут. Тој вели дека тоа вклучува политичка реторика и дека тој не очекувал ништо помалку од Садам, за кој вели дека се бори за живот.
„Режимот е опортунистички и сега кога мислат дека ова споменување на Џихад ќе им помогне, се разбира, тие ќе го искористат. Сигурен сум оти тој знае дека ова е финалната битка. Ако ја изгуби, со него е свршено. Мислам дека нема илузија оти коалицијата ќе му понуди маслинова гранка“, истакнува г-динот Баруди.
Повеќето аналитичари во регионот сметаат дека Садам очајнички сака да биде запаметен како голем арапски лидер. Аналитичарот на арапската политика, Абдула ел-Ашахал смета дека ирачкиот претседател се обидува да ја искористи актуелната политичка клима во регионот за да ја постигне таа цел.
„Садам Хусеин сега игра на картата на охрабрување на исламското движење, како да е на таа линија. И очекувам по војната, каков и да е исходот, исламскиот препород да биде многу силен и ќе се натпреварува со режимите во целиот исламски и арапски свет“, вели тој.
Она што и натаму е непознато е дали Садам ја задржал контролата врз неговиот режим и дали воопшто е жив.
Но, сеедно дали промената на пристапот е одраз на обид да се обезбеди неговото место во историјата, или промена на тактиката од страна на Садам и неговите соработници, нема никакви индиции за реакција кај ирачкиот народ. Напротив, странските медиуми од јужен и централен Ирак покажуваат дека се повеќе Ирачани ги пречекуваат со добредојде коалиционите сили во ослободените градови, додека коалицијата напредува кон Багдад.