Линкови за пристапност

Стејт департмент: Човековите права во Македонија подобрени, но и натаму со проблеми - 2003-04-01


Во делот посветен на Македонија, се вели дека и покрај тоа што се забележани извесни подобрувања во одредени области, во однос на почитувањето на човековите права, постојат сериозни проблеми. Се констатира дека новата Влада демонстрирала решеност за унапредување на состојбата на овој план преку конкретни акции. Во време на претходната Влада, се вели во извештајот, забележано е, „најмалку еден случај на убиство од страна на полицијата, и бројни случаи на полициска тортура и претепување. Во најголем број од случаите на прекршување на човековите права, Владата презела недоволни чекори, или не презела ништо, за да ги подложи на истрага и да ги казни полициските службеници“. Според Стејт департментот, и натаму проблем претставува селективното апсење и задржување во притвор, повикување на граѓаните на информативни разговори во полиција, иако според законските мерки, за такво нешто полицијата мора да поседува судска одлука.

Во 2002-ра година, во досието на Македонија, Стејт департментот го става и проблемот со полициското заплашување и физичкото малтретирање на претставниците на медиумите. Иако, како што се наведува, „Уставот предвидува слобода на говорот и печатот, има извештаи дека владата ги заплашувала медиумите кои имале критичен однос кон нејзината политика и програма“. Во овој дел уште се додава дека медиумите немаат вистинска независност, туку „зад речиси сите стои политички интерес, а вестите и информациите главно се пренесуваат од политичка перспектива“.

И натаму проблем претставува насилството и дискриминацијата на жените, како што се вели, посебно во заедниците на етничките Албанци, како и социјалната дискриминација во однос на малцинствата - Ромите, етничките Албанци, Турци и Срби, како и трговијата со жени и девојчиња и нивно присилување на проституција. Конечно, извештајот забележува дека со усвојувањето на Рамковниот договор, во Македонија се отвора пат за унапредување на граѓанските права и правата на малцинствата.

XS
SM
MD
LG