Линкови за пристапност

САД против ирачкиот режим се борат и со психолошка кампања - 2003-03-26


Воената борба не е единствениот начин на кој Вашингтон се надева да ги победи ирачките трупи. Американската армија интензивно работи на психолошка кампања за да ги убеди Ирачаните да се предадат доброволно.

Дел од кампањата е посветена на пропаганда со радио - пораки, како и преку електронска пошта, но и со телефонски повици до командантите на единиците, кои се покануваат на преговори за предавање. Друга важна компонента е пуштање на милиони летоци во Ирак. Некои од нив ги повикуваат ирачките војници да се предадат, или во спротивно да бидат уништени. Други пак, им советуваат на обичните граѓани да не нанесуваат штета на сопствената иднина со палење на нафтените извори.

„Сакам да ви покажам неколку летоци кои ги употребивме и можам да ви кажам дека до овој момент веќе имаме растурено 28 милиони од нив“.

Тоа беше бригадирскиот генерал Винсент Брукс, кој вели дека тековната психолошка кампања е поинтензивна од онаа во првата војна во Заливот во 1991-ва година.

Прашањето кое неминовно се наметнува е колку овој вид кампања е ефективна?

Професорот Џеролд Пост, директор на Програмата за политичка психологија на Универзитетот Џорџ Вашингтон, вели дека е рано за таква проценка.

„Важно е да се потсетиме што се случи во 1991-ва година. По завршување на конфликтот, оние кои прерано изкажаа ентузијазам за соборување на Садам Хусеин, беа гонети додека не беа пронајдени, и заедно со нивните семејства затворени, измачувани и погубувани“, вели г-динот Пост.

Тој верува оти Ирачаните од овој пример научиле да не брзаат во вакви ситуации. Тој додава дека летоците исто така имаат за цел да ги убедат Ирачаните да не употребуваат оружје за масовно уништување - стратегија за која тој вели дека вродила со плод во Војната во заливот во 1991-ва година.

„Дел од летоците беа со порака дека на секој што му е наредено да употреби вакво оружје, ќе се смета за виновен пред трибуналот за воени злосторства. Без оглед на тоа што Садам Хусеин сакаше да употреби такво оружје, фактот што тоа не беше сторено не мора да значи дека Садам Хусеин се премислил, туку повеќе упатува на тоа дека при завршувањето на конфликтот, неговите најблиски соработници под влијание на психолошката војна не сакале да се доведат себеси во опасност“, истакнува професорот Пост.

Зборувајќи во понеделникот со новинарите, американскиот командант Томи Френкс кажа дека американските власти овојпат се обидуваат да ги убедат ирачките команданти од пониските чинови да не ја извршат командата за употреба на оружје за масовно уништување.

„Јас не го повикувам највисокото раководство. Мојот повик попрво се однесува на луѓето кои го имаат прстот на чкрапалото на ваквото оружје. Ние многу внимателно им кажавме - не правете го тоа“, рече генералот Френкс.

Стручњаците од Блискиот исток сепак се скептични во однос на обидите обичните Ирачани да се насочат против нивното раководство. Поранешниот египетски армиски генерал и раководител на Центарот за политички и стратегиски студии ал-Ахрам во Каиро, Мохамед Кадри Саид, не верува оти ирачкиот народ ќе биде убеден да го симне од власт претседателот Садам.

„Мислам дека оваа замисла оти Ирачаните не се лојални, или дека ќе направат воен пуч против Садам, сега треба да се заборави“, смета г-динот Саид.

Во таков контекст беше и изјавата на ирачкиот заменик-премиер Тарик Азиз, кој ја отфрли идејата дека Американците ќе бидат пречекани како ослободители. Напротив, тој кажа дека коалиционите војници кои вршат инвазија ќе бидат пречекани, не со слатки и цвеќиња, туку со куршуми и борба.

XS
SM
MD
LG