Деновиве, и поддржувачите и критичарите на американскиот претседател имаат малку допирни точки. Но, во едно нешто тие се согласни- дека перспективите на американската воена акција во Ирак за претседателот Буш претставува политичко коцкање. “Тоа би можело или му даде малку повеќе сјај на неговото претседателствување во историјата или да го смести во групата на претседатели со по еден мандат, покрај неговиот татко“. Вака смета политичкиот експерт од Универзитетот во Вирџинија, Лери Сабато. Тој додава дека претседателот лесно би можел да не биде реизбран, доколку војната скршне во несакана насока. Но, професорот Сабато вели дека дури ни успешна војна во Ирак не може да го гарантира успехот на претседателот дома: “Тенденциите на ваквите војни се дека тие немаат позитивен одраз на изборите, бидејќи нивната намена е да бидат релативно куси. Доколку се случи тоа, таа ќе биде заборавена долго време пред изборите во ноември 2004 година, и таа ќе му биде од помош на претседателот, онолку колку што победата во војната во Персискиот залив му помогна на неговиот татко. Тоа не значи ништо“, смета Сабато. Едно ново истражување на јавното мислење укажува дека претседателот Буш има успех во добивањето поддршка од домашната јавност за евентуална војна со Ирак. Анкетата на Њујорк Тајмс и Си Би Ес покажува дека 55 проценти од испитаниците би поддржале американска инвазија врз Ирак, со одобрение од Советот за безбедност на ОН. Претходните анкети индицираа дека многумина Американци не сакаат започнување на војна без поддршка од ОН. Малите промени во јавното мислење настанаа по неодамнешната прес-конференција на претседателот, кога тој повторно објасни зошто верува дека воената акција е оправдана за разоружување на Ирак. “Би можеле да кажеме дека можеме да држиме под контрола личност каква што е Садам Хусеин, дека океаните ќе не заштитат од неговиот вид на терор. 11 септември треба да му каже на американскиот народ дека сега сме на бојно поле“, изјави претседателот Буш. Иако перспективите за војна се зголемуваат, опозиционите демократи продолжуваат со критиките упатени на брзањето на администрацијата да започне војна. Тие истакнуваат дека подготвеноста на претседателот за унилатерално разоружување на Садам Хусеин веќе и нанел штета на добрата меѓупартиска соработка и на националното единство постигнато по терористичките напади во 2001 година. Неодамнешната анкета на Њујорк Тајмс и Си Би Ес покажува дека 86 проценти од републиканците и 64 проценти од независните, се за воена акција за соборување на Садам Хусеин. Кај демократите постои остра поделба, со околу 51 процент во прилог на воената акција. Политичкиот екпсерт Лери Сабато вели дека коцкањето на претседателот со Ирак е изненадувачко, имајќи ја предвид тесната победа против Ал Гор на изборите во 2000 година. “Наградите не се големи, освен во историјата. Изборните ризици се огромни. Во американската историја, високо или приближно високо котираат претседателите кои преземале големи ризици“, изјави Сабато. И покрај сите дискусии за Ирак, политичкиот успех на претседателот лесно би можел да биде одреден од судбината на американската економија. Г-динот Буш се надева на избегнување на судбината на неговиот татко кој ја доби војната во Заливот во 1991 година, но не беше реизбран за претседател, во голема мерка поради слабата економија.