Линкови за пристапност

Осумнаесетте судии на Меѓународниот кривичен суд положија заклетва - 2003-03-11


Меѓу над 500-те гости на инаугурацијата, на чело со генералниот секретар Кофи Анан, беше забележително отсуството на американските претставници.

До сега 89 држави ја ратификуваа Римската повелба со која се востанови судот, но САД не се меѓу нив. Првиот светски постојан меѓународен суд ќе има овластување да води постапка за најсериозните кривични дела во светот, како што се геноцид и злосторства против човештвото, но неговата јурисдикција се однесува само на земјите - потписнички.

Администрацијата на претседателот Буш стравува оти американски граѓани може неправедно да станат цел на такво гонење и се спротивстави на формирањето на судот. Американската влада дури склучи спогодби со над 20 држави, за да им обезбеди имунитет на американските граѓани од надлежноста на судот.

Дејвид Шефер беше американски амбасадор кој се бавеше со воени злосторства за време на мандатот на претседателот Бил Клинтон. Како човек кој ја потпиша Римската повелба во име на САД, тој вели дека е исклучително разочаран што неговата земја не игра улога во создавањето на судот.

„Ќе биде потребно многу време САД да го повратат лидерството и кредибилитетот во врска со високото ниво на почитувањето на принципот на владеење на правото кога станува збор за злосторства и постапување по нив“, истакнува г-динот Шефер.

Меѓународниот кривичен суд досега прими преку 200 барања за случаи што би можел да ги преземе. Наводните воени злосторства сторени во Централната Африканска Република и во Конго се меѓу потенцијалните случаи во надлежност на судот. Кога следниот месец ќе биде избран обвинител, пријавите ќе бидат прегледани, но се очекува да минат две години пред првиот случај да се најде пред судот.

XS
SM
MD
LG