Линкови за пристапност

Поделбата на Советот за безбедност околу Ирак, го поткопува авторитетот на ОН - 2003-03-11


Во време кога единствената супер-сила на светот е подготвена да започне војна без одобрение на ОН, Советот за безбедност, според многу аналитичари, се наоѓа на крстопат.

Старите сојузници се поделија околу ирачкото прашање, а се појавуваат нови сојузништва. Франција и Германија, првите американски сојузници за време на Студената војна, се енергично против американска воена акција. Од друга страна, пак, Бугарија, како поранешен бастион на комунизмот, застана зад САД.

Роберт Греј, пензиониран дипломат, кој бил политички советник на американската мисија во ОН, вели дека основно прашање во тековната дебата е релевантноста Светската организација.

„Во прашање не е исходот во врска со Ирак. Во прашање е системот на ОН што трпеливо го градевме изминативе 60 години“, вели тој.

Џејн Красно, коавтор на неодамна објавената книга за ОН и Ирак, истакнува дека расправата не се однесува само на Ирак, туку и за тоа како ќе изгледа светот во периодот по Студената војна.

„Ова е кризно време за ОН. Тоа го велам затоа што токму сега ја средуваме структурата на светот. Каков е балансот на моќта во светот, онаков каков што се одразува преку ОН? Постои и огромна загриженост дека единствената преостаната суперсила се однесува хегемонистички. Мислам дека гледаме како сега се одвива токму тоа. Се работи за искрена дебата“, смета таа.

Госпоѓа Красно, инаку извршен директор на Академскиот Совет на Универзитетот Јејл за системите на ОН, предвидува дека Советот за безбедност ќе се најде на удар на критика без оглед како ќе реши по ирачкото прашање.

„Советот за безбедност на ОН во моментов е во позиција - проклет да си ако го сториш тоа, но проклет да си и ако не го сториш. Или ќе биде етикетиран дека е нерелевантен, или пак дека слепо ги следи американските гледишта“, додава г-ѓа Красно.

Како што истакнуваат многу аналитичари и поранешни дипломати, многумина креатори на надворешната политика во Владата на Буш одамна се сомневаат во релевантноста на ОН.

Џејмс Леонард, поранешен заменик-претставник на САД во ОН, вели дека актуелната криза несомнено ќе им нанесе штета на ОН, но дека штетата нема да биде непоправлива, затоа што ОН ќе бидат потребни за помошта за обнова на повоен Ирак.

„Има многу сериозни проблеми за чие решавање ОН се единствената надеж“, истакнува г-динот Леонард.

Како што беше случај досега, се очекува ОН да бидат повикани да ја олеснат хуманитарната криза што се предвидува да произлезе од евентуалната воена акција во Ирак.

XS
SM
MD
LG