Линкови за пристапност

Американските пазари се наоѓаат во еден од најлошите периоди досега - 2003-03-11


Ова е едно од најлошите времиња за американските пазари на акции. Само за време на Големата депресија во 1930-тите, пазарите беа во опаѓање три последователни години. Трендот ја зафати и Европа, каде германските и британски пазари на акции паднаа на најниско ниво во последниве седум години.

На пазарите на акции се гледа како на барометар што дава рани предупредувања за тоа какви ќе бидат идните економски активности. Ако е така, дали тоа значи дека зад аголот демне нова рецесија?

Џон Кејп, економски аналитичар од Хјустон, Тексас, предвидува ваков развој на ситуацијата.

„Најголемата работа во врска со глобалната економија е што сега на неа гледате со голем прашалник. Додека не се реши прашањето дали ќе дојде до војна против Ирак, работите може да појдат во секаква насока. Не сум сигурен што ќе се случи. Лично, по малку сум и песимист“, вели тој.

Доколку дојде до војна, вели господинот Кејп, таа би можела да трае подолго и да има повеќе негативни последици отколку што се очекуваше.

Во федералната државата од средниот запад на САД, Мичиген, економистот Роберт Тански вели дека на економската слика најповеќе влијаат претрпените големи загуби нба инвеститорите – Американци со просечни примања, кои интензивно вложуваа во време на големиот раст на индексите на пазарите на акции, привлечени од можноста за брза и голема добивка.

„Тоа секако се одрази на нивната самоувереност и особено на нивните пензиски планови. Некои луѓе едноставно велат дека никогаш не ќе можат да се пензионираат заради загубите во нивните пензионерски фондови со кои инвестираа“, истакнува г-динот Тански.

Војната на Блискиот исток тешко е надвисната над пазарите, како и на цената на нафтата, што во моментов се приближува на 40 долари по барел - највисоко ниво во последниве 12 години.

XS
SM
MD
LG