Екипата на Далас Маверикс е нешто повеќе од, во моментов, најуспешниот тим во натпреварите на американската Национална кошаркарска асоцијација – Ен-Би-Еј: тие се пример за странското влијание во најдобрата кошаркарска лига во светот, бидејќи половина играчите на Далас се родени надвор од САД. Далас Маверикс во моментов имаат најдобар резултат во Ен-Би-Еј лигата – 44 победи и 13 порази. Тие исто така имаат и најмногу играчи родени надвор од САД – седум кошаркари од пет различни земји.
Дирк Новицки и Шон Бредли се по потекло од Германија, а Антон Ригадо и Тарик Абдул-Вахад се родум од Франција. Раџа Бел доаѓа од Девствените Острови, Стив Неш од Канада, а Едуардо Нахара од Мексико. Сопственикот на Далас, Марк Кубан, за Гласот на Америка, на шега објаснува кои се причините што ангажирал странци:
„Препточитам странци. Американците се навистина лоши луѓе и не сакам играчи од САД. Бидејќи пораснав во Париз, и по природа сум франкофон, навистина ми пречеше да видам само Американци да играат кошарка кога дојдов во САД. Особено ми пречи што кога ќе појдат во француски ресторан, не говорат француски. Затоа решив да ангажирам странци“.
Шегата настрана, Марк Кубан, како и сите други сопственици на екипи во Ен-Би-Еј, сака неговиот тим да победува, поради што започнаа во свои редови да ги доведуваат најдобрите играчи од странство. Во моментов, во Ен-Би-Еј не само што играат 65 кошаркари од 34 земји и територии, туку и остваруваат големо влијание во лигата. Тим Данкан од Сан Антонио Спурс, кој годинава ја понесе титулата „најкорисен играч“, родум е од американските Девствени Острови. Најдобар почетник во сезоната 2001-ва - 2002-ра беше играчот на Мемфис Гризлис, Пол Гасол од Шпанија, додека минатата година, прв избор на Ен-Би-Еј драфтот беше сегашниот член на Хјустон Рокетс и се популарната ѕвезда на лигата, Јао Минг од Кина.
Додајте ги учесниците на натпреварите на ѕвездите на Ен-Би-Еј минатата и оваа година, центарот на Њу Џерси Нетс Дикембе Мутомбо, кој е од Конго, и стрелецот на Сакраменто Кингс, Предраг Стојаковиќ од поранешна Југославија, и добивате американска лига со меѓународен карактер, што натамошно ја шири нејзината и онака голема популарност во светот. Така смета Канаѓанецот Стив Неш од Далас Маверикс:
„Мислам дека лигата натамошно се развива. Ен-Би-Еј направи добра работа со маркетингот во странство, со што играчите од надвор добија шанса да се испробаат во неа“.
САД традиционално доминираа на меѓународната кошаркарска сцена. Само двапати досега Американците не успеаја да освојат злато на кошаркарските турнири на Олимписките игри. Но, времињата како да започнаа да се менуваат. На Олимписките игри 2000-та во Сиднеј, Американците со тесна победа над Литванија, 85-83 се провлекоа во финалето, каде го освоија златото.
На Светското првенство во Индијанополис минатата година, пак, американскиот тим приреди големо разочарување, завршувајќи на шестото место, далеку зад шампионот Југославија. Германецот Дирк Новицки од Далас дава вакво оправдување:
„Тие не го испратија својот најдобар тим. Доколку го стореа тоа, никој не ќе можеше да ги победи. И видовте што се случи: остатокот од светот станува се подобар, и натпреварите се се подобри од година во година“.
Американската селекција составена од Ен-Би-Еј играчи овој август во Порторико, на квалификациониот турнир за Олимписките игри во Атина 2004-та, треба да го освои најмалку третото место. Тоа воопшто нема да биде лесно, бидејќи играчите од странство, и во Ен-Би-Еј, и во националните селекции, го фаќаат чекорот со американските кошаркари.