Во текот на тричасовното интервју претседателот Хусеин навестил дека не е подготвен да ги уништи ирачките проектили ал-Самуд, како што побара главниот инспектор за оружје на ОН, Ханс Бликс. Господинот Бликс рече дека овие проектили имаат дострел повеќе од 150 километри, колку што изнесува ограничувањето утврдено во ОН, и нареди тие до недела да бидат уништени. Ирачки официјални претставници инсистираат дека дострелот на проектилите не го надминува задолжителното ограничување кога тие се натоварени со управувачки и контролни системи, како и со боеви глави. Садам Хусеин тврди дека Ирак нема проектили кои го надминуваат пропишаниот дострел. Но Абдула ел-Ашхал, експерт за арапски работи, кој предава на неколку универзитети во Каиро, вели дека ако господинот Бликс кажал оти проектилите ал-Самуд ги нарушуваат ограничувањата, тогаш ирачкиот лидер нема друг избор освен да ги уништи. “Во овој случај тoj треба да ги уништи. Садам Хусеин не може да ги преправа резолуциите. Значи, ако господинот Бликс е уверен дека тоа што го вели Садам не е точно, мислам дека одлуката сега треба да ја донесат инспекторите. Тоа е во духот на резолуциите, па дури и на резолуцијата 14-41. Затоа кога се застанува на страна на Садам Хусеин кога е во право, мора да се застане и против него кога не е во право“, вели ел-Ашхал. Во неделата, ирачкиот лидер се сретна со поранешниот руски премиер Евгениј Примаков. Господинот Примаков се обиде, но не успеа да договори мирно решение со Садам Хусеин пред заливската војна во 1990 година. По посетата во неделата, господинот Примаков на новинарите им изјави дека ирачкиот лидер ветил оти целосно ќе соработува со инспекторите. Професорот за политички науки, Мона Макрам Ебејд на Американскиот Универзитет во Каиро, вели дека е изненадена од ставот на Садам Хусеин во однос на проектилите Ал-Самуд, особено по посетата на господинот Примаков на Багдад. “Тој е крајно тврдоглав, според мене. Изгледа како да се коцка со светското јавно мислење, со Арапите, со француската иницијатива и се друго. Изненадена сум дека тоа се случува по посетата на Примаков. Тоа е изненадувачки елемент затоа што можеби Примаков е личноста што најдобро го познава, го знае веќе 30 години. Мислам дека сака само да провоцира“, смета Ебејд. Садам Хусеин исто така вели дека сака да настапи во телевизиска јавна дебата со претседателот Буш, што ќе се пренесува во светот, велејќи дека е подготвен на директен дијалог со американскиот претсдеател. Белата куќа ја отфрли оваа понуда. Првиот човек на одделот за политички науки на Универзитетот во Каиро, Хасан Нафае, кажа дека оваа понуда индицира оти ирачкиот лидер се обидува да започне друг вид на војна. “Тој знае дека учествува во војна за да го придобие јавното мислење. Оттаму, она што го сака, едноставно кажано, е дека претседателот Буш нема поента, нема докази, целиот случај што го гради му е слаб и јас можам да го победам во јавна дебата. Можеби не сум моќен да го победам во воен судир, но можам да победам во дебата. Тоа е вид на војна со други средства. Тоа е тоа“, вели Нафае. Раководителот на Центарот за политички и стратешки студии ал-Ахрам, вели дека последните изјави на претседателот Хусеин само помогнале арапскиот свет да се увери дека војната е неизбежна. Професорот Абдел Моеим Саид вели дека арапскиот свет почнува да се врти против ирачкиот претседател. “Мислам дека постои големо уверување оти ќе има војна и покрај фактот дека има големо противење на војната. Меѓутоа, она што е ново е исто така силната опозиција кон Садам. Гледам силен повик Садам да падне од власт, да има избори под надзор на ОН и овие избори би биле повик до цела ирачка опозиција да учествува и да создаде нов, слободен устав. За прв пат има силни барања до Садам да се повлече од неговата позиција“, вели ал-Ахрам. Но повлекувањето од власт е нешто што Садам Хусеин вели дека никогаш нема да го стори.