Линкови за пристапност

САД: Загриженост од ширењето на организираниот криминал на Балканот - 2003-01-23


На Балканот шверцот има традиција, но конфликтите по распаѓањето на Југославија, што доведоа и до уништување на економијата, невработеност и очајни луѓе, предизвикаа ширење на организираниот криминал. Ова, меѓу другото го изјави Дејвид Бајднер во неговото излагање. Тој кажа дека Вашингтон сега е особено загрижен и алармиран од тоа и наведе неколку конкретни причини.

„И покрај скапите напори за искоренување на афионот во Авганистан во 2002 производството е зголемено. Тоа обезбедува база за 4 до 6 тони хероин месечно, прочистен и транспортиран од Турција преку балканските патишта до северна и западна Европа. Дел од тоа завршува и на нашата источен брег. Пред три години една француска организација процени дека вредноста на шверцот со дрога од страна на албанските банди само во Европа изнесувала две милијарди долари. Жени од Молдавија, Украина, Белорусија и Романија, искористени во оваа трговија неодамна се откриени на Флорида, во Њу Џерси, Њујорк, Калифорнија, па дури и на Алјаска“, вели тој.

Бајднер истакна и дека загрижува инволвираноста на корумпирани владини функционери на Балканот. Притоа, тој како примери ги наведе сопругата на бугарскиот премиер, заменикот министер за внатрешни работи на Романија и неговата сопруга, полицискиот шеф во Албанија и премиерите на Црна Гора и Србија, Мило Ѓукановиќ и Зоран Ѓинѓиќ.

Вашингтон е вклучен во борбата против организираниот криминал на многу нивоа, како и преку програмата СЕКИ, чиј центар се наоѓа во Будимпешта. Нејзиниот координатор во Стејт Департменот, Џон Марки ја илустрираше работата на центарот со конкретни примери на организиран криминал.

„Во многу земји во регионот да се стане цариснки службеник чини стотици и илјадници долари. Да се стане директор на Царина чини милион долари. А платата за таа позиција е 200 долари месечно. Дури некои лекари се обидуваат да станат цариници на одредени гранични премини. Од тоа, за жал, не е поштедена ниедна земја. Да се надмине ова е како да се работи со ѓаволот“, истакнува г-динот Марки.

Бајднер и Марки велат дека Косово е црна дупка на Балканот, што се однесува до организираниот криминал, затоа што нема крајна одговорност. Но беше кажано дека за да се постигне некаков напредок, на Косово се работи на воведување на програма за заштита на сведоци. Излагачите во Вудроу Вилсон Центарот рекоа дека Словенија и Хрватска се обидувале да негираат постоење на овој вид криминал, па дури и слабо соработувале со програмата СЕКИ, но наспроти нив како позитивни моменти беа наведени неодамнешните договори за соработка во оваа област меѓу Македонија и Србија, како и меѓу Италија и Албанија. Бајднер и Марки излезот од оваа ситуација го гледаат во интеграцијата на балканските земји во ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG