Линкови за пристапност

Прелевањето на кризата од Косово во Македонија не било неизбежно, туку очекувано - 2003-01-10


Професорот Питер Лиота од американскиот морнарички колеџ од Пенсилванија, кој во Вудроу Вилсон центарот во Вашингтон зборуваше за ефектите на прелевањето на косовската криза врз соседните земји, смета дека договорот од Прешево, кој го смета за релативно успешен, не успеал да го спречи зајакнувањето на Косовската ослободителна армија, ниту прелевањето на кризата во Македонија.

Една од причините за кризата на Косово тој ја лоцира во Дејтонскиот договор, односно невклучувањето на косовското прашање при преговорите за постигнување на овој договор. Господинот Лиота смета дека причината за оставањето на Косово настрана во тоа време била практична - во тој случај немало да биде постигнат Дејтонскиот договор.

Прелевањето на кризата од Косово во Македонија е и на демографски план, бидејќи, вели тој, забележливо е како бројот на албанското население во северозападниот на Македонија, кој граничи со Косово се повеќе расте.

За него дискутабилен е терминот бунт, што се користи за опишување на ситуацијата во Македонија во 2001-та година. Подобро, вели тој, е да се користи терминот граѓанска војна, бидејќи албанското население се борело за подобра застапеност во општеството, за подобро образование и здравствена заштита. Според него, пишувањата на медиумите јасно се потврдиле на минатогодишните избори, дека повеќе станувало збор за внатре-албанска битка, отколку за како што рече битка на „Словените наспроти Албанците“.

„Демократската унија за интеграција е дел од владината коалиција и е предводена од повеќето таканаречени герилци на ОНА. За голем број Македонци тоа е бизарна работа. Не знам колку пати сум бил нападнат со зборовите дека од една страна сме се декларирале за голема борба против тероризмот, а таму преговараме и претставници на ЕУ преговараат со, цитирам, терористи наспроти легитимните политички сили“, истакна господинот Лиота.

Негова оценка е и дека тогашната македонска Влада, со поддршка на Запад, презела класичен одговор на бунт со бомбардирање и гранатирање села во западниот дел на земјата, притоа упатувајќи на соработката на министерот Љубе Бошковски со претставниците на консултатската група МПРИ, присутни во Македонија.

Дестабилизрачки елемент во Македонија е и криминалот што е уште една нишка, која професорот Лиота ја поврзува со Косово.

„Не е тајна дека криминалот во Македонија ја поткопува стабилноста, како на Владата, така и на општетството, што е многу грда вистина. Насекаде има корупција. Корупција има и на Косово, претходно и во Бугарија. Меѓу 70 и 90 проценти од хероинот кој е во оптек во Европа, поминува низ Косово и Македонија и делумно низ Бугарија“, вели тој.

Но, за Македонија има надеж, вели професорот Лиота, и додадва:

„Македонија и натаму е последната најдобра надеж. Мора да бидеме трпеливи со медиумските извештаи, има гласини, има киднапирања. Премиерот рече дека Македонија имала најуспешни избори во историјата. Знам дека ДУИ се обидува да отвори канцеларии во источниот дел и да предизвика проблеми. Македонија е позитивен пример и мислам дека и Србија ќе биде позитивен промер во иднина, но мора тоа да се постигне со широко отворени очи“.

А за иднината на Косово, тој вели дека не сака да зазема став за или против неговата независност, но смета оти треба да се има предвид економската ситуација, бидејќи негативните последици би се одразиле на Македонија и веројатно на Црна Гора.

XS
SM
MD
LG