Линкови за пристапност

НАТО даде зелено светло за силите за брза реакција - 2002-11-22


Лидерите на 19-те земји членки на НАТО се согласија да формираат сили за брза реакција, за да ја зајакнат способноста на Aлијансата да се справи со најновата глобална закана по безбедноста - тероризмот.

Генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон смета дека постои итна потреба НАТО да се модернизира, за да биде подготвен за безбедносните предизвици на 21-от век, како тероризмот и непринципиелните држави кои поседуваат или се обидуваат да дојдат до хемиско, биолошко и нуклеарно оружје.

„Кредибилитетот на НАТО во основа зависи од неговите воени можности. Ние сме најголемата постојана коалиција во светот и најефективна воена организација. Но, треба да станеме уште поефективни за да ја одржиме безбедноста на нашите луѓе во денешниот несигурен свет“, смета генералниот секретар на Алијансата.

Претседателите и премиерите на земјите на НАТО ветија дека ќе ги зголемат воените можности на Aлијансата во клучните области, почнувајќи од големите транспортни авиони и авионите за полнење гориво во воздух, па се до муницијата за прецизно гаѓање и заштитата од хемиско и биолошко оружје. Покрај формирањето на силите за брза реакција од 20 илјади војници, за справување со заканите по безбедноста насекаде во светот, Алијансата вети дека ќе ја модернизира воената команда и дека ќе ја намали бирократијата во главниот штаб.

„НАТО може да се справи со новите закани, како тероризмот и оружјето за масовно уништување. Никој не е имун на овие опасности и Алијансата има голема улога во нивната заштита. Затоа лидерите на НАТО ставија печат на еден сеопфатен пакет, кој драматично ќе ја унапреди нашата способност тоа да го сториме“, вели господинот Робертсон.

Покрај зголемувањето на својата воена способност НАТО на првиот ден на Самитот во Прага исто така ги повика Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија да се придружат на Алијансата во 2004 година. Лидерите на овие седум држави сметаат дека поканата е пресвртница во тешките и се уште незавршени напори за повторно обединување на Европа по Втората светска и по Студената војна.

Што да се прави со Ирак, е уште едно прашање што доминираше на овој самит. Лидерите на НАТО ветија дека ќе преземат ефикасна акција за да обезбедат, како што велат, целосно и итно ирачко исполнување на барањата на Обединетите нации за разоружување. Меѓутоа, тие се воздржаа отворено да поддржат воена акција.

Едногласно усвоената декларација ги прекри длабоките разлики во Алијансата во врска со евентуална војна против Ирак. Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер на самитот го повтори ставот на својата земја дека нема да учествува во напад врз Ирак.

XS
SM
MD
LG