Линкови за пристапност

Претседателот на ДИК присуствуваше на изборите во САД - 2002-11-07


На изборите во Македонија секогаш има американски набљудувачи, но овојпат изборите за американскиот Конгрес, што се одржаа во вторникот, ги следеа и македонски претставници. Претседателот на Државната изборна комисија, Мирјана Лазарова-Трајковска за време на престојот во САД на покана на Меѓународната фондација за изборни системи, имаше прилика директно да набљудува како се одвиваше гласањето на неколку гласачки места во Вирџинија, Мериленд и Вашингтон ДЦ. Иако таа не беше во официјална функција набљудувач, таа правејќи споредба меѓу изборите во Македонија и САД вели:

„Од административна и техничка гледна точка, мислам дека нашите избори не беа лошо организирани во споредба со американскиот начин, како што тука беа организирани. Не можеме да ја споредуваме опремата, бидејќи ние се уште сме во процес кога користиме гласачки ливчиња, додека тука речиси сите гласачки места користат многу пософистицирана опрема“.

Разликата во степенот на демократијата во Македонија и САД, госпоѓа Трајкова ја илустрира со една од нејзините импресии од американските избори: „Речиси во ниедна од петте гласачки места не можев да видам набљудувачи од политичките партии или ако беа таму, имаше само неколку. Додека во нашиот случај, во изборната единица број 1, имаше 31 набљудувач од вкупно 31 подносител на кандидатска листа“.

Во седиштето на Меѓународната фондација за изборни системи во Вашингтон, госпоѓа Трајковска заедно со претставници на оваа организација во Скопје одржаа презентација на текот на парламентарните избори што се одржаа во Македонија на 15 септември. Иако изборната процедура беше добро оценета, госпоѓа Лазарова вели дека има уште многу да се работи за подобрување на изборниот процес. По непријатното искуство со поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, таа смета дека особено има потреба од амандмани во врска со позицијата на функционери во Владата кога водат кампања.

Меѓутоа, како што изјави во Вашингтон претседателот на ДИК, Мирјана Лазарова-Трајковска, најважната задача што и претстои на Македонија е да се професионализира изборната администрација.

XS
SM
MD
LG