Линкови за пристапност

Распит во американската Хелсиншка Комисија за политиката на САД во однос на ОБСЕ - 2002-10-11


Додека претставниците на американскиот Стејт департмент, помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Елизабет Џонс и помошник-државниот секретар надлежен за Бирото за демократија човекови права и труд, Лорн Крејнер опширно зборуваа за успесите што ОБСЕ во соработка со американската администрација, НАТО и ЕУ ги постигнува во областите на човековите права, економската и безбедносната димензија, претставниците на Меѓународната лига за човекови права, Хјуман Рајтс Воч и Меѓународната кризна група, упатија предизвик за она што треба да се промени во досегашната политика на ОБСЕ и во тој контекст и на САД.

Г-ѓа Џонс говорејќи за достигнувањата и тековните активности во неколку проблематични региони во Азија и Европа, особено во земјите од поранешниот Советски Сојуз и земјите на Балканот, истакна дека дека ОБСЕ се покажала како многу флексибилна и ефикасна организација која завршила исклучителна работа. Конкретно, за Македонија, г-ѓа Џонс вели:

„Сакам да ја посочам исклучително успешната работа што ОБСЕ ја направи во Македонија во поддршката на Рамковниот договор. Мислам дека една од работите што ОБСЕ ја направи во Македонија е и спроведувањето, односно многу доброто спроведување на изборите во Македонија. Во моментов таму траат преговори за владина коалиција, во тек е трансферот на власта и честитаме на ОБСЕ за улогата што ја одигра во координација со НАТО, ЕУ и САД. Тоа е една од нашите најдобро завршени задачи“. И сенаторот Џорџ Воинович, кој е член на оваа Комисија, смета дека ОБСЕ во изминатиот период одигра значајна улога во Македонија.

„Јас исто така поминав некое време во Македонија каде членови на ОБСЕ го набљудуваат спроведувањето на Рамковниот договор потппишан меѓу македонската Влада и партиите на етничките Албанци. Исто така присуствував и за време на парламентарнтите избори што се одржаа на 15 септември. Тие беа мирни и мислам дека тоа е значајно. Мирното предавање на власта од премиерот Љубчо Георгиевски на Бранко Црвенковски мислам дека е големо постигнување за мирот и стабилноста во Македонија. ОБСЕ продолжува со набљудување на имплементацијата на Рамковниот договор,“ истакна г-динот Воинович.

Елизабет Андерсен, извршен директор на Одделот за Европа и Централна Азија во Хјуман Рајтс Воч смета дека во изминатиот период во делувањето на ОБСЕ се забележуваат извесни осцилации, кои таа ги лоцира во тнр. човечка димензија, посебно во известувањето за човековите права.

„Во некои мисии има високи стандарди на известување за човековите права. Во овој поглед позитивен пример е Косово. Другите се многу посрамежливи во однос на јавното известување. Тоа наштетува не само на човековите права, туку и на пошироката безбедносна средина. Тука како примери ќе ги посочам Македонија и Чеченија. Спротивно на позитивното влијание што Мисијата го оствари во Македонија, таа беше доста тивка во однос на некои сериозни постојани проблеми со човековите права што би можеле да се заканат на прогресот што настана“, смета г-ѓа Андерсен.

Комисијата за безбедност и соработка во Европа, позната и како американска Хелсиншка Комисија е независна владина агенција во која членуваат по девет претставнци од двата дома на американскиот Конгрес и по еден претставник од Стејт Департментот, и Одделите за одбрана и трговија, што го следи и поттикнува делувањето во согласност со Хелсиншкиот финален акт и останатите заложби на ОБСЕ.

XS
SM
MD
LG