Паралелно со средбите на специјалниот пратеник на ОН Метју Нимиц со раководствата во Скопје и Атина, политичкиот аналичар за европски прашања Сали Мекнамара од Фондацијата Херитиџ во Вашингтон коментира дека е тешко да се предвиди што ќе се случи со проблемот со името поради проширениот опсег на барања во преговорите од едната страна.
Сали Мекнамара смета дека е тешко да се каже што ќе се случи во преговорите за разликите околу името затоа што, како што рече, Грците се непредвидливи во целиот процес:
„Ако се работеше само за прашањето за името, можеби ќе го видевме крајот. Но, Грците го проширија проблемот во однос на јазикот, пасошите и секакви други нешта. Ако се фокусираме само на прашањето за името, можно е да се реши, но за преговори, треба двајца. Треба да се изврши притисок кон Грците, за да прекинат да се однесуваат како божем сакаат да се реши спорот“, вели таа.
Грчката влада, пак, тврди дека веќе минала половина пат со тоа што би прифатила едно име за севкупна употреба во кое би се содржал зборот Македонија, но со географска одредница.
Грција во моментов е под притисок од ЕУ поради своите економски проблеми и тоа е уште една причина зошто Атина би требала да го затвори проблемот со името, во интерес на регионалната безбедност, наведува политичкиот аналитичар од Фондацијата Херитиџ:
<!-- IMAGE -->„Мислам дека е време некој да истапи и да и` порача на Грција - сега се наоѓате во состојба во која ви треба европска помош поради ситуацијата со домашната економија и поради притисокот што го имате врз себе. Грција сега има поддршка од Европа и треба таа да подаде рака на друг. Преговорите може да продолжат и со Македонија во НАТО. Спорот меѓу двете земји не е нерешлив“, оцени аналитичарот.
Според Мекнемара, дошло време Грција да се однесува поодговорно кон Македонија:
„Тие ја запреа и перспективата на Македонија за членство во ЕУ. Не можете да го држите целиот свет во залог затоа што имате спор околу едно прашање, што е решливо на билатерално ниво, со Македонија во Алијансата“.
Па сепак, ЕУ и НАТО предочуваат дека членството нема да се случи додека не се реши името. Што може да сторат евроатлантските партнери за да се надмине ќорсокакот?
„Мислам дека некој од центрите како Вашингтон или Берлин треба да и` каже на Атина – ние ви помагаме, помогнете ни` и вие, затоа што се работи за регионална безбедност, за целиот НАТО, а не само за Грција. Ова е и прашање на тоа дека Македонците ги споделуваат трошоците на членство, а не уживаат во бенфициите – во моментов учествуваат во Авганистан, на Балканот, а не се сомневам дека така ќе продолжат и во иднина“, заклучува аналитичарот Мекнамара од Херитиџ.
<!-- IMAGE -->