Линкови за пристапност

Македонија помага на Хаити


Македонската влада одлучи да бидат испратени сто илјади долари и медицински тим како помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес на Хаити.

„Македонија сака да ја покаже својата солидарност со земјите кои се соочени со тешки природни катастрофи без оглед каде се наоѓаат“, соопшти Владата по својата седница.

Владината парична помош е надополнета и со четврточните дневници на 120-те македонски пратеници, кои на предлог на пратеничката Цветанка Иванова, одлучија наместо на нивна сметка, да бидат испратени за народот на карипската земја која пред повеќе од една недела беше погодена од кататсрофален земјотрес.

Бројноста на медицинскиот тим кој ќе замине во Порт-о-Пренс допрва ќе се договора, заедно со Меѓународниот црвен крст и Лекари без граници, но според планот на Министерството за здравство ,тој најверојатно ќе биде составен од три до пет членови.

И граѓаните на Македонија можат да се приклучат кон помошта. Црвениот крст објави апел за донирање преку Фондот за солидарност и преку сите мобилни телефонски оператори во земјава.

Со симболични 25.000 евра издвоени од својот буџет, на апелот прво одговори раководството на Скопје – градот што пред повеќе од 40 години искуси слична катастрофа, а потоа со меѓународна солидарност беше повторно изграден.

XS
SM
MD
LG