Линкови за пристапност

Сенатот усвои историска мерка за реформа на здравствената заштита


Американскиот Сенат усвои легислатива за темелна реформа на здравствената заштита со која дополнителни 30 милиони Американци ќе добијат здравствено осигурување. На гласањето „во минута до дванаесет“, пред Сенатот да замине на одмор за божиќните и новогодишните празници, сенаторите се изјаснија строго по партиска линија: демократите „за“, а републиканците „против“.

Усвојувањето на мерката претставува политичка победа за претседателот Барак Обама и сопартијците – демократи, за кои реформата на здравствената заштита беше легислативен приоритет. Обама по овој повод коментираше дека легислативата што мина во Сенатот вклучува “досега најстроги одредби за одговорност на индустријата на здравствено осигурување“.

Покрај тоа што го проширува здравственото осигурување, мерката забранува осигурителните компании да ускратуваат услуги на лица поради тоа што имале претходна медицинска состојба, на пример тешки заболувања или такви што налагаат скапа терапија.

Пред претседателот Барак Обама да стави конечен потпис на мерката со што таа ќе стане закон, Сенатот и Претставничкиот дом треба да ги усогласат нејзините верзии што одвоено ги изгласаа. Тие се разликуваат во неколку клучни точки, така што за компромис ќе биде потребно извесно време.

Пред гласањето, водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел кажа дека со сопартијците ќе продолжи да се обидува да спречи мерката таа да стане закон, најавувајќи дека битката не е завршена. Републиканците тврдат дека мерката е прескапа и дека практично претставува владино преземање на индустријата на здравствена заштита.

Водачот на демократското мнозинство Хари Рид оцени дека гласањето претставува победа и дека афирмирало дека водењето здрав живот во САД е право, а не привилегија.

Во интервјуа емитувани средата на Јавниот телевизиски систем Пи-Би-Ес и Националното јавно радио Ен-Пи-Ар, Обама кажа дека е мошне задоволен од мерката и дека таа содржи 95 проценти од елементите што тој ги побарал.

Според непартиската Конгресна канцеларија за буџет, легислативата ќе чини 871 милијарда долари.

XS
SM
MD
LG