Линкови за пристапност

Дебата во Франција: Што значи да се биде Французин?


Француската централно-десничарска влада отпочна национална дебата за тоа што значи да се биде Французин. Дискусијата за националниот идентитет се опишува како начин граѓаните да осознаат кои се и кое е местото на Франција во светот. Критиката вели дека иницијативата не наишла на добар прием кај имигрантите и малцинството во земјата.

Речиси секој Франција ја поврзува со серија клишеа – беретки, багет, добро сирење и вино. Но имиграцијата е таа што го сменила лицето на Франција. Некои Французинки со муслиманска вероисповед носат шамии околу главите. Традиционалното јадење од Северна Африка – кускусот, е омилено во овие краишта. Арапските зборови како тубиб или доктор, наоѓаат се` поголема примена во францускиот јазик.

Што значи да се биде Французин? Претседателот Николас Саркози отпочна дебата на оваа тема што би се одвивала во временски период од три месеци. Креирана е дури и веб-страница debatidentitenationale.fr, каде Ерик Бесон, францускиот министер за имиграција, интеграција и национален идентитет, го поканува населението да го кажат своето мислење.

На снимена порака на страницата, Бесон вели дека целта на дебатата е да ги испита француските вредности, што вклучува еднаквост, збратименост, секуларизам и полова еднаквост, како и барање на одговор за тоа која е заедничката иднина на Французите. Меѓу темите за расправа се дали Франција треба да има договори за интеграција за имигрантите кои аплицираат за државјанство и дали за учениците треба да биде задолжително да ја пејат француската химна.

Но дебатата за францускиот идентитет разгоре сопствена дебата. Критиката, вклучувајќи ја и опозицијата и десничарските групи, велат дека дискусијата е поттикната со вид на национално чувство карактеристично за крајно деничарската партија Национален фронт. Тие велат дека притоа се става нечесна сомничавост на имигрантите, особено на оние со муслиманско потекло. Дебатата се случува во време на контроверзата за забраната да се постават минариња во соседна Швајцарија и во период кога француската влада ја разгледува идејата да им забрани на муслиманските жени во јавност да носат шамии со кои го покриваат целото лице.

Дури и опозиционите политичари кои ја поддржуваат дебатата, како францускиот социјалист Гатан Горс, имаат резерви.

Тој вели дека францускиот народ е во неизвесност за иднината на неговата земја, така што не е апсурдно да се дискутира за начините за справување со прашањето. „Мислам дека треба да поставиме попрецизна дефиниција за тоа кои сме, што сакаме да постигнеме, какво влијание можеме да имаме во Европа или во светот“, вели тој.

Горс сепак додава дека дебатата треба да трае многу подолго и да биде потемелно спроведена споредено со она што владата го прави. Тој вели и дека дискусијата за идентитетот е политички мотивирана со оглед на тоа што започна воочи регионалните избори во март наредната година.

Сепак, контроверзата не ги спречи Французите да учествуваат во дебатите што се оддржуваат во владини згради ширум земјата. Околу 150 млади луѓе од сите етнички потекла неодамна преполнија мала просторија во француското Министерство за имиграција, и учествуваа во форумот што го организираше министерот Бесон.

Еден млад човек кажа дека бил одбиван на работни места во луксузни хотели во Франција, поради неговото потекло од Северна Африка. Тој вели дека единствената работа што можел да ја најде, била чистач во сиромашно предградие на Париз.
Жена, по потекло од Африка, зборуваше за потребата од полова еднаквост во Франција, како и проблемите со образование со кои се соочуваат младите имигранти.

Бесон, од своја страна, пред публиката кажа дека дебатата не се однесува само на имиграцијата, туку и за местото на француските граѓани дома и во странство.
Министерот сепак додаде дека Французите не треба да се плашат да разговараат за имиграцијата. Ова е и ставот на францускиот претседател Саркози, кој вели дека владата се залага за промоција на толеранција и транспарентност за имигрантите, но и дека тие од своја страна мора да ги почитуваат француските вредности и наследство.

Според анкетите, Французите се поделени околу спроведената анкета. Некои ја толкуваат како предизборен трик, но други испитувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството од Французите веруваат дека ова е корисен разговор.

XS
SM
MD
LG